Нинџи, самураи, курци и палци

3062

Пред многу години, кога бев дете и кога мислев дека сите луѓе во светот читаат Алан Форд и дека Чарлс Бронсон е најдобриот актер што некогаш се појавил на филмското платно, имав двајца познајници од маало, кои се претставуваа како Нинџа и Самурај.
Значи, веднаш да разјасниме дека не се работи за еден ист човек со прекар Нинџа и кодно име Самурај, туку баш за двајца момци, кои долго време важеа за опасни дечки од крајот, со кои не се исплати да си имаш проблем.

Нинџа и Самурај и кога одеа до самопослуга, со себе носеа нончаки, шурикени (направени од конзерви од сардина), скалпери, боксирачи и секогаш го имаа оној заебан израз на лицето, кој во превод значеше дека „ќетиебатмамицата“ ако ги погледнеш не знам криво или право и било како да ги погледнеш.

Привилегија на локална битанга

Не треба да се потенцира дека Нинџа и Самурај ги имаа сите привилегии што две локални битанги можат да ги имаат во едно маало. Не треба да се трошат и зборови за да на сите ни биде јасно, дека баш тие двајца праќаа деца по цигари, еурокрем, кокта и сладолед.

Добро, не беше сè така црно. Како што е редот, Нинџа и Самурај обезбедуваа апсолутна заштита на маалото од надворешни фактори и често знаеја да ги учат помалите и послабите на боречки вештини. Дури организираа и некаков импровизиран летен камп на лулашките во школски, каде што секое претпладне за време на летниот распуст им покажуваа на маалските полноглавци како да се снајдат во улична тепачка, како да извадат синџир на брзина од џеб и како да замавнат со нончаките, а притоа да не си го исчукаат темето.

Нинџа и Самурај беа полни со финти од типот како бесчујно и незабележливо да му се приближат на некој човек од зад грб или како да следат некого цел ден, без притоа да бидат забележани. Дури понекогаш во ретки моменти на луцидност поткажуваа и такви приказни дека двајцата се дел од некаква тајна организација и дека за нивната работа не смее да се знае.

Нормално дека на сите маалски шупаци двајцата им се чинеа како супермени. За Нинџа и Самурај секојдневно се раскажуваа разни анегдоти и секоја хипербола во приказните се чинеше како нормална.

Ерата на Курац и Палац

И така, еден ден во маалото се појавија едни двајца браќа, на чии имиња не се сеќавам, но ете за потребата на овој текст ќе ги викам Курац и Палац. Фини и културни дечки, секогаш насмеани и спремни да ти се најдат. Нормално Нинџа и Самурај уште во првата пригода се обидоа да ја наметнат својата апсолутна власт врз новодојденците, но токму тогаш се случи невозможното. Во моментот на нивната најголема моќ, Нинџа и Самурај добија таков епски ќотек од Курац и Палац, по што во секунда загубија буквално сè. Истиот момент нивната маалска аура избледе до таа мера, што по цигари престанаа да им одат и дечињата од прво одделение. По кратко време беа потполно заборавени, а новите момци со кои не се исплати да се зафркаваш, станаа Курац и Палац.

По некое време го загубив интересот за локалните херои и баш кога сфатив дека Модести Блејз е всушност најдобриот стрип на сите времиња, од видикот ми се загубија Нинџа, Самурај, Курац и Палац и почнаа да ме интересираат… хм, некои пософистицирани работи.

Можеби ќе прашате зошто е ова битно? Па не е воопшто битно, зашто секогаш ќе има некој маалски нинџа, кој ќе се умисли дека е самурај, додека не пројде низ рацете на курац и палац. Кој видел знае.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...