Нинџа: Прифаќам одговорност, ако утврдите дека ја имам

594

Александар Василевски-Нинџа во завршните зборови на судењето за настаните во Собранието на 27 април 2017 неколку часа во Кривичниот суд го анализираше обвинението против него, како и листата на телефонски повици од тој ден, читајќи ги со број или со име, како што му биле меморирани.

– Стојам исправен пред вас и прифаќам одговорност, ако утврдите дека ја имам. Овде сум за да се утврди вистината. Бегав поради здравјето на мојата ќерка, која ја чекав повеќе од девет години. Потоа сам се пријавив во полиција, рече Василевски во завршниот збор пред Судот.

Тој зборуваше за тоа како поранешниот началник во УБК Горан Грујевски, неговиот заменик Никола Бошковски, и тогашниот директор Владимир Атанасовски со свои оперативци, во и надвор од Собранието на 27 април ги собирале и уништувале доказите.

Претходно обвинетиот Никола Митрески-Кољо, како што веќе објавивме, во завршните зборови на судењето за настаните во Собранието на 27 април 2017 година, рече дека жали за случувањата и им се извини на сите присутни пратеници, граѓани и новинари од 27 април.
– Јавноста да знае дека ние бевме изманипулирани од идејата за така наречената “Тиранска платформа” предводена од организаторите политичари, истакна Кољо.
Во Судот денеска завршен збор дадоа обвинетиот Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски.
Судскиот процес започна во август минатата година и го води Добрила Кацарска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска. Процесот започна против 33 обвинети, но согласно Законот за амнестија помилувани беа вкупно 15 лица.

На обвинителна клупа останаа Митко Чавков, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Митко Пешов, Оливер Поповски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Оливер Радулов, Игор Дурловски, Јане Ченто, Игор Југ, Александар Василевски-Нинџа, Никола Митревски-Кољо, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски, кои се товарат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок.

По завршните зборови на обвинетите за настаните од „27 април“, за утре е закажано ново рочиште на кое за збор се пријавени бранителите на обвинетите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...