Нимиц со нетрпение очекува Грција да го ратификува Преспанскиот договор

135

Специјалниот пратеник на ОН во разговорите меѓу Скопје и Атина за прашањето за името, Метју Нимиц, ја повика Грција да го ратификува Договорот од Преспа, откако македонската страна ги исполни своите обврски.

Нимиц во пишаната изјава, што ја објави прес-службата на ОН, наведува дека владата во Скопје на 16 јануари формално ја известила владата во Атина и него како специјален пратеник дека е завршена постапката за промена на Уставот согласно со Договорот од Преспа, со што го исполни својот дел од обврските.

– По известувањето на поранешната југословенска Република Македонија дека се завршени постапките за усвојување на уставните амандмани и домашните правни процедури за стапување во сила на Договорот, од Преспа, според неговите одредби, ратификацијата последователно продолжува во Република Грција. Со нетрпение го очекувам завршувањето на процесот како што е наведено во Договорот – пишува Нимиц.

Додава дека ОН и тој како посредник и понатаму се посветени на процесот и на соработката со двете страни за конечно решавање на разликите меѓу нив.

Според најавите од Атина, парламентот на Грција денеска треба да ја почне процедурата за ратификацијата на Преспанскиот договор. Претседателот на парламентот, Никос Вуцис, изјави дека очекува целата постапка да биде заокружена со гласање до крајот на неделава.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...