Никој не се клади на Лика

824

Не е дилема дали вицепремиерот за Рамковниот договор Хазби Лика ќе ја напушти Илинденска, туку дали ќе биде првиот министер од интегративците, кој по 17 години владеењe на ДУИ ќе биде разрешен од премиерот Зоран Заев. Ова се коментарите на високи функционери од партијата на Али Ахмети, по изјавата на Заев дека ќе нема реконструкција, но ќе има смена на министри.

Премиерот пластично опиша кој ќе „лета“ од Владата, барем кога станува збор за Лика, само што името не му го спомена.

– Секако, ако некој министер не доаѓа на влада – логично е дека владата треба да седне да размисли тоа да се промени. Разговараме со коалициските партнери кои споделиле одговорност со нас во делот на другите ресори ако се случат такви потреби, па ако некаде немаме ефекти, знаеме како – рече Заев.

Од ДУИ брифираат дека и на Ахмети „му пукнал филмот“ кога станува збор за однесувањето на Лика и во владата и во партијата и дека е подготвен да даде виза на Заев вицепремиерот да биде сменет. Лика освен што не оди на владини седници, го немало ни на состаноците во владата, а ретко го гледале и на состаноците во органите на партијата, со исклучок за референдумот.

И ако до неодамна речиси сите во ДУИ беа убедени дека Ахмети нема да го повлече соборецот од ОНА од вицепремиерската фотелја, токму во име на 2001, сега коментарите се дека лидерот го изгубил трпението и толеранцијата кон Лика.

Но, најинтересно е дека нема функционер во ДУИ кој би ставил рака во оган кога станува збор дали Лика самиот ќе поднесе оставка, по сугестија на Ахмети или на предлог на премиерот Заев ќе чека Собранието да го разреши од функцијата.

– Ненормална е ситуацијата со Лика во Владата, смена сигурно ќе има. Но, Лика е непредвидлив, никој во партијата не e на чисто дали тој ќе си поднесе оставка – вели висок функционер од партијата.

И според други функционери, 50 спрема 50 се шансите за оставка на Лика.

– Не верувам дека Лика ќе поднесе оставка иако тој со своето однеување веќе се саморазреши – вели друг функционер.

Доколку Лика одбие да поднесе оставка ќе биде првиот функционер од ДУИ кој ќе биде разрешен.

И покрај обидите да добиеме став, Лика не одговара на телефонските повици и пораки дали се препознал во изјавата на премиерот, дали ќе поднесе оставка или ќе чека да биде разрешен од функцијата.

Во изминативе 17 години владеење на ДУИ сите смени на министри оделе со виза од Ахмети и со поднесување оставки. Можно е Заев да биде првиот премиер кој ќе разреши министер од ДУИ. На јавноста ѝ е познато дека во 2004 година на тогашниот премиер Хари Костов не му успеа да го смени министерот за транспорт Агрон Буџаку, по што премиерот си поднесе оставка.

Освен смена на Лика, Заев навести дека се можни смени и на други министри. Но засега освен шпекулации, официјално нема информација чии фотелји се тресат.

Тоа што речиси е извесно е дека и смената на Лика и евентуално на други министри најверојатно ќе почека до средината на јануари, односно по завршувањето на уставната процедура за Договорот од Преспа, за како што велат, Заев и Ахмети да не си отворат фронтови во своите партии.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...