Никој не сака да го чепне правото на протест, а на сите им e преку глава од апсурдни блокади

834

Во двете најголеми политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, досега не се разговарало за евентуални промени во Законот за јавни собири во однос на тоа дека се потребни само 20 луѓе за да се организира протест и да се блокираат сообраќајници, како и за местата каде се дозволени блокади, за што веќе пишуваше Плусинфо.

Какво е расположението за законски промени, прашавме во владејачката и во опозициската партија, откако подолго од две недели во центарот на Скопје 20-тина „патриоти“ секојдневно ја блокираат улицата пред Собранието и предизвикуваат сообраќаен хаос во периодот кога граѓаните се враќаат од работа.

– Не сме разгледувале, но секогаш сме отворени и очекуваме сугестии. Ако има некакви предлози би разговарале. Го разбираме револтот кај дел од граѓаните поради блокадите, но истовремено, морам да нагласам и дека правото на протест е демократско и уставно право и ние го почитуваме – вели портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

И најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, е на иста фреквенција дека протестот е уставно правно и оти досега не работеле на евентуални законски измени.

– Правото на протест е демократско право загарантирано со Уставот на Република Македонија за сите граѓани. Тоа е еден од демократските начини за изразување на незадоволството на граѓаните. Во моментов СДСМ се свесни дека ја губат поддршката од граѓаните и со секојдневните политики и одлуки го зголемуваат револтот кон нив, па така граѓаните бараат начин за изразување на незадоволството и револтот. Во однос на измените во Законот за јавни собири не сме работеле на анализи поврзани со измените на законот, но морам повторно да потенцирам дека правото на протест е демократско право загарантирано со Уставот на Република Македонија – вели партискиот портпарол Димче Арсовски.

Во актуелниот Закон за јавни собири е предвидено дека се потребни најмалку 20 лица, а рестрикциите се однесуваат на тоа дека протести не може да се организираат само: до здравствени установи за да не се блокира пристапот на возилата на Брза помош и да не се нарушува мирот на болните; до детски градинки и училишта додека децата престојуваат во нив; на автопатишта и магистрални патишта со што се загрозува патниот сообраќај.

Прочитајте повеќе на оваа тема:

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...