Ако до пред некое време не можеше да пројде ниту една владина прес-конференција, владино соопштение или телевизиска дебата без илјадапати да се спомне придавката „Северна“ во името на државата, сега, на само неколку месеци пред изборите во април, се чини дека високото членство на владејачката СДСМ, на чело со експремиерот Зоран Заев, свесно прави измени во реториката.
Почнувајќи од честитките што Заев преку социјалните мрежи им ги испраќаше на македонските ракометари на Европското првенство во Австрија, па сè до честитките од СДСМ до припадниците на Армијата кога во Собранието беа усвоени измените на Законот за одбрана, повеќе од очигледно е дека владејачката партија свесно го изостава новото државно име произлезено од Преспанскиот договор и наместо придавката „Северна“ го користи терминот „нашата земја“.
Според политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо, ваквиот потег на СДСМ претставува своевидна политичка стратегија во пресрет на априлските избори, бидејќи, како што објаснуваат, промената на државното име е сè уште многу чувствителна тема за најголемиот дел од гласачите. Сепак, додаваат тие, постојаното избегнување да се изговори новото уставно име може да предизвика и контра-ефект на изборите доколку гласачите сфатат дека се работи за класична предизборна манипулација.
Од друга страна, и техничките министри и заменик-министри во преодната Влада предложени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ упорно одбиваат да го користат новото уставно име на државата.
Дури и кога сосема случајно ќе проговорат „Северна“, тие по брза постапка ја исправаат грешката. Таков беше случајот со техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, која минатата недела на владина седница го употреби терминот „Влада на Република Северна Македонија“, а веднаш потоа, нејзината матична партија истакна дека ставот на заменик-министерката е ист со ставот на ВМРО-ДПМНЕ, односно дека Преспанскиот договор е штетен и неприфатлив.
Во слична ситуација се најде и техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, кој на својот официјален профил на Фејсбук објави информација дека се сретнал со Карло Ромео, амбасадор на Италија во Република Северна Македонија. Интересно е тоа што само неколку минути подоцна, тој го промени статусот и наведе дека се сретнал со амбасадорот на Италија во Република Македонија.
И опозицискиот лидер Христијан Мицкоски во повеќе наврати јасно дава до знаење дека никогаш нема да го изговори новото уставно име на државата, па дури и на минатонеделната официјална средба со еврокомесарот Оливер Вархеји тој се заблагодарил за поддршката за членство на Република Македонија во ЕУ. Во април минатата година, пак, Мицкоски цврсто посочи дека нема да го прифати новото државно име дури и ако стане премиер.
Photo: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI