Никој немал намера да повреди некого во училиштето во Аеродром, тврди инспекторатот

113

Општина Аеродром соопшти дека по вонредниот инспекциски надзор во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“, Државниот просветен инспекторат во својот записник констатирал дека  „учесниците во настанот што се случил во петокот во училиштето во ниту еден момент немале намера некого да повредат“.

На директорот и на стручната служба им било укажано да продолжат со организирање едукативни предавања и работилници за безбедно однесување на учениците. На раководството, исто така, му е укажано да преземе мерки за утврдување работни должности на наставниот кадар во однос на дежурства и активности што се реализираат на одделенски час.

„Веднаш по настанот, од страна на раководството на училиштето се преземени сите мерки и активности за расчистување на случајот, согласно со закон. Понатаму, изречени се педагошки мерки за несоодветно однесување на учениците, одржани се одделенски совет и вондредна родителска средба. Исто така, психологот на училиштето ќе организира советување за учениците и родителите“, информира општина Аеродром.

Општината наведува и дека за да се зголеми безбедноста на учениците ќе ја следи реализацијата на сите укажувања на Државниот просветен инспекторат во ООУ „Ѓорѓија Пулевски“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...