Почитувани пријатели и читатели на „Слободен печат“,
Синоќа (веќе помина полноќ) колумнистот Бранко Тричковски соопшти дека ја прекинува соработката со „Слободен печат“, поради наводно несогласување со уредувачката политика на весникот. До оваа одлука дојде по вчерашната полемика што ја започна тој на Фејсбук, во пост во кој побара јас и Владимир Милчин да сме ја „оставеле“ Македонија и да сме отишле на пиво, на риба и слично. Се разбира, јас одговорив на тој непристоен обид на Тричковски да заведе некаква комична цензура во весникот што јас го уредувам, а во кој тој пишува колумни од самиот почеток и сите му се објавени без ниту една цензурирана запирка. По полемиката што се разви, Тричковски ја објави својата одлука, а јас го ослободив од неговите обврски кон весникот, почнувајќи од синоќа.
Според очекувањата, Тричковски доби поддршка од своите фанови на Фејсбук. Најинтересна ми се виде онаа на Борче Трајковски (Боки Бургија), кој напиша дека (парафразирам) „Тричковски бил Слободен печат“, а не обратно. Бидејќи ваква мисла не сум чул уште од онаа на Луј Четиринаести ќе да беше (државата тоа сум јас), чувствувам обврска и на Боки Бургија (чии колумни исто така се објавувани во весникот), на сите фанови на Тричковски и на сите читатели на „Слободен печат“ да им го порачам следново:
„Слободен печат“ не е Тричковски. Не е ниту Героски. „Слободен печат“ е екипа од седумдесеттина луѓе, кои вредно и посветено работат во сите сектори на издавачкото претпријатие на нашиот најтиражен и највлијателен дневен весник. И тоа секако нема да се промени со заминувањето на Тричковски.
Луѓето кои го измислија името „Слободен печат“ сме јас, Жарко Јорданоски и Злате Лозановски. Но и ние тројцата заедно не сме „Слободен печат“. Ние високо го цениме она што го сторија луѓето кои вложија многу труд и инвестиции проектот да успее, а тоа се неговите сопственици. Заеднички се бориме секој ден да се разбереме, напати се караме, се крвиме, но на крајот сепак наоѓаме заеднички јазик. Учиме едни од други.
Во оваа значајна група е и Владимир Милчин, човекот кој во својство на директор на Фондацијата отворено општество Македонија (како и ценет колумнист), лично се заложи оваа Фондација да го помогне нашиот проект во првата, најтешка година. Напорите и жртвите на сите тие луѓе од сопствеништвото и од менаџментот се вградени во темелите на „Слободен печат“.
Луѓето кои пред пет и повеќе години, во време на најцрниот режим на Груевски, му дадоа посебен белег на весникот, беа и се неговите колумнисти, меѓу кои до вечерва беше и Тричковски – едно од плејадата блескави колумнистички имиња. Сите тие се „Слободен печат“.
Кој ова ќе го сфати, ќе разбере што е „Слободен печат“. А и никој не е обврзан тоа да го сфати, ако не сака или не може. Од тоа не зависи иднината на нашиот весник, како што не зависи ни од хировитата одлука на Тричковски, кому сиве овие години му беа објавени неброени колумни, да повторам – без во ниту една да биде цензурирана ниту една запирка.
Тоа, таа наша слободоумност и независност, тоа отфрлање на секаква апологија на власта, таа критичка нота силно го билда кредибилитетот на нашиот весник. Ете, тоа е силата на „Слободен печат“. И додека сум јас главен уредник на весникот, од таа уредувачка политика отстапки нема да има. За ничиј хир. Ни за Тричковиот.
Ако јас себеси не си го земам правото да цензурирам било кого, ако нашите газди и менаџери ревносно и по цена на многубројни непријатности ја почитуваат таа наша уредувачка линија и автономија, правото да цензурира и да ги шиканира луѓето кои на „Слободен печат“ му значат многу, нема да го има ни Тричковски. Ни било кој друг.
Вие што сакате да биде поинаку, та Тричко или некој друг Луј да биде весник, ќе си покренете свој весник (или ќе си најдете друг каде што ќе ги трпат вашите хирови) и таму ќе ги испраќате тие што не ви се допаѓаат на пиво и на риба, таму ќе ги навредувате и ќе ги шиканирате. Ако ви биде дозволено.
Во „Слободен печат“ не може. Јас и мојот тим тоа никому нема да му го дозволиме. Точка!