Николовски: Политичка е пресудата, Груевски не го однесе мерцедесот дома

610

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, вели дека неговиот поранешен лидер Никола Груевски е во Скопје, но одби да одговори зошто не присуствуваше на денешното изрекување на пресудата во случајот „Тенк“.

-Прашање ве упатувам да и го поставите на одбраната. Јас не сум одбрана и не сум адвокат да ви одговарам на прашањето,. Мислам дека е во Скопје, немам познавање за да можам да ви објаснам во стручниот дел – рече Николовски.

Според него судот носел политички пресуди, по нарачка на премиерот Зоран Заев.

„Штета нема, мерцедесесот и сега се вози, Никола Груевски не го однесе дома“- вели Николовски.

Во овие три дена, вели Николовски, се водат чисто монтирани политички процеси, а правдата е само политички инснтрумент.

-Денес го видовме тоа што сите го знаат и го гледаат откако СДСМ и Заев дојдоа на власт. Судот  го спроведе тоа што Зоран Заев го напиша. Денеска видовме во живо како функционира политички суд и како се изрекуваат политички пресуди. Го видовме на дело непринципиелниот брак помеѓу власта на Заев и судот. Бенефиците од овој брак сега се во корист на Заев, но многу брзо ќе се свртат на негова штета. Тоа оди правопропорционално со добивањето и губењето власт. Така функционира нереформираното и клиентелистичко судство – рече Николовски.

Тој смета дека судот не го интересираат ниту докази, ниту факти, ниту аргументи. Судот го интересира само реализација на политичките нарачки на Зоран Заев и СДСМ за пресметка со сите кои што мислат поинаку.

-Во време кога  власта прифаќа секакви отстапки, во време кога граѓаните се сведоци на масовен грабеж, осиромашување и пад на економијата, судот  ја прифати улогата на изршител на наредбата за дефокусирање од вистинските проблеми и сеење на страв меѓу сите кои мислат поинаку. Оваа пресуда не е пресуда заради тоа што некој се стекнал со противправна имотна корист,  или заради тоа што и била направена некаква штета на државата, затоа што штета нема, мерцедесот и сега се вози, не си го зема Никола Груевски дома. Ова е пресуда која има повеќе цели, тие се Никола Груевски кој беше симбол за зачувување на националните интереси, економски успеси, привлекување инвеститори, реформи, зголемување на плати, пензии, социјална помош, субвенции, градби и се друго да се засени и да биде политички дисквалификуван – изјави Николовски и потсети дека пред два дена, обвинителството и судот го ослободија од вина Зоран Заев убедувајќи ги граѓаните дека тоа што го гледаат не е така.

-Дека снимките на кои што бара евро за Вице и евро за црквата, всушност и не го виделе и не постојат. Му го преквалификуваа обвинението и го ослободија од одговорност исто како што најавија преквалификување на обвинението за масакрот кај Смилковското езеро и како што ги ослободија осудените за случајот Сопот. После денешната пресуда останува горчливиот вкус дека правдата не постои и е само политички инструмент. Ова што го гледаме денес не е правда, туку неправда. За сите незаконски дејствија ќе следи ревизија – порача Александар Николовски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...