Николовски: Ние се бориме за повисоки плати, тие за Груевски

Работна група, во која ќе има и надворешни експерти ќе состави ранг листа на кандидати за пратеници, конечната одлука ќе биде испорачана на Конгрес, генералниот секретар на СДСМ.

447

Работна група во која ќе бидат вклучени и надворешни експерти од различни области ќе состави ранг листа на кандидати за пратеници од редовите на СДСМ, по претходно строго утвдени критериуми од страна на партиското раководство. Конечната одлука за тоа кој од партијата ќе биде на листата пратеници, ќе биде донесена на Конгрес.

Ова во интервјуто за МИА го потенцира генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски, кој истакна дека веќе се почнати постапките за избор на кандидати за пратеници, напоменувајќи дека имањата на кандидатите ќе стигнуваат од базата, од месните и општинските одбори, од извршниот одбор и градската организација, но постои и можност и за самокандидирање.

Теренските активности, вели Николовски им помагаат во креирањето на програмата за претстојните избори, а овој период го користат за одржување на 15 програмско-тематски трибини „Агенда 20-24“, во рамки на кои, како што рече, ја креираат програмата за мандатот во периодот 2020 – 2024, кој очекува дека ќе го добијат на изборите на 12 април.

Пред неколку денови одржавте централен одбор на партијата на кој најавивте нов начин на утврдување на кандидатите за пратеници. Што ново ќе воведете во тој процес, што е различно од порано?

Како што соопшти и претседателот Зоран Заев, СДСМ започнаа постапки за избор на најодговорните кандидати за пратеници од независноста па до сега. На локално, на општинско ниво веќе започнаа внатрепартиските процедури. Имињата на кандидатите ќе стигнуваат од базата, од месните и општински одбори, од извршниот одбор и градската организација, но секако постои и можноста за самокандидирање на личности, докажани индивидуи кои се кредибилни и препознаени во средината, кои ги поддржуваат нашите политики и може да ги надоградуваат, но не се дел од СДСМ. Ние постојано ја отвораме партијата за нови, свежи и квалитетни кадри, идеи и проекти, така е и овој пат, можеби најмногу до сега. Низ транспарентна, инкулузивна и професионална постапка ќе дојдеме до најдобрите кандидати кои ќе се најдат на пратеничките листи. Со тие наши кандидати ќе победиме на овие избори и Парламентот ќе го унапредиме уште повеќе да биде дом на сите граѓани, дом во кој се носат прогресивни одлуки за доброто на народот, дом кој ја влече земјата напред. Ако можевме да ја отвориме Владата да биде најтранспарентна во регионот, ако можевме да ги надминеме етничките проблеми преку концептот едно општество, сигурни сме дека можеме да обезбедиме одговорен парламент, а со тоа и способна држава.

Она што е новитет е тоа што првпат се формира работна група во која ќе бидат вклучени и надворешни експерти од различни области. Таа комисија ќе состави ранг листа на кандидатите за пратеници по претходно строго утврдени критериуми од страна на раководството на партијата. Конечната одлука, согласно статутот ќе биде донесена на Конгрес.

Истовремено, на листите ќе излеземе со целосна родова еднаквост односно по принципот 50-50 мажи и жени. Секако продолжуваме со веќе воспоставената пракса од 30 отсто млади на листите.

 

Уште со самото ваше назначување за генерален секретар, СДСМ започна теренски активности, дали тие се уште се одржуваат или повеќе се концентрирате кон внтрепартиските процеси пред изборите?

Од летото до сега, а тоа значи и во периодот којшто следува, постојано сме на терен. Не е важно дали се избори или не, граѓаните имаат потреби постојано и затоа ние одлучивме да бидеме на терен постојано. Овој пристап многу ни помага при создавањето на програмата за претстојните избори, зашто точно знаеме кои се приоритетите и очекувањата на граѓаните. Разговараме, предлагаме решенија, ги слушаме ставовите и потребите на нашиот народ.

Во изминатите два месеци, преку активностите од врата до врата, посетивме и пруживме рака на повеќе од 220.000 семејства низ целата земја. Од летото до сега, реализиравме 680 маалски и урбани средби и 400 теренски посети на одговорните партиски функционери низ општинските организации.

Одржавме над 360 средби со граѓани во локалните средини од општинските организации. На централно и локално ниво под наше покровителство се организираа 250 хуманитарни настани, манифестации, работни акции за да им се помогне на оние на кои тоа им е најпотребно. Организиравме над 30 трибини во цела држава под слоганот „На прав пат“ на кои граѓаните масовно присуствуваа и комуницираа со партиското раководство на различни теми.

Овој период го користиме за одржување на 15 програмско-тематски трибини „Агенда 20-24“ на кои заедно со граѓаните гледаме напред во иднината и ја креираме програмата на СДСМ за мандатот 2020 – 2024. Знаеме што правиме – одиме со храбри, сигурни и одговорни чекори, имаме план со кој точно ќе се знае каде оди државата.

Од друга страна нашиот политички опонент ВМРО-ДПМНЕ го нема никаде, најавуваа протести дека ќе оделе по улиците и плоштадите, но ги немаше никаде. Најавуваа помпезно некакви разговори со граѓаните на кои почнаа и да не се појавуваат, а сега зборуваат за некаква обнова пред домовите на граѓаните, на што народот се шегува и им вели „заклучи вратата, спушти ролетната, вмро ќе доаѓало по домовите”. Сето тоа доволно зборува за разликата во концептите. Ние сме постојано со граѓаните, тие се постојано во заштита на минатото раководство и затоа не можат да очекуваат ништо друго освен пораз на изборите. Ние се бориме за повисоки плати, тие се борат за Груевски.

Ќе понудите ли некој нов пристап за да ја приближите програмата и целите на партијата, освен оној стандардниот од врата на врата и организирање митинзи?

Новиот, модерен и енергичен пристап на работа на СДСМ овозможува постојана и двонасочна комуникација со граѓаните, со сите генерации, без разлика на етничката, верска и политичка припадност.

Постојано се усовршуваме и во употребата на дигиталните технологии, во дискусијата со граѓаните преку интернет и во промоцијата на нашите политики преку социјалните мрежи. За таа цел веќе создадовме нова, модерна алатка, мобилна апликација која на активистите, членовите, волонтерите и поддржувачите на СДСМ ќе им овозможи координирана промоција на официјалните политики на нашата партија преку социјалните мрежи. Оваа дигитална алатка ја развиваме со помош на експерти за нови медиуми и дигитални комуникации, а претставува прогресивен чекор во промоцијата на понудата на СДСМ пред граѓаните, во согласност со нашата определба за постојана, отворена и директна комуникација со граѓаните и сопственото членство.

Преку апликацијата освен што нашите членови и активисти ќе се информираат за мерките и политиките, за секојдневните активности на партијата, ќе имаат можност и тие да дадат придонес во однос на пораките и мерките кои ги нудиме на јавност, а секако ќе се вклучат и во директна промоција на програмската понуда.

Тука повторно се гледа јасна разлика меѓу нас и ВМРО-ДПМНЕ. Тие создаваат тајни, подрумски структури преку бојкотирање референдуми, координирано ширење лажни вести, шират анти-НАТО политики и таргетирано оцрнуваат индивидуи и заедници преку социјалните мрежи, а ние преку отворени и модерни дигитални решенија, транпаретно и директно ги промовираме нашите политики пред сите граѓани. По однос на јавните комуникации, ние возиме по автопат, тие се кријат по подруми.

 

За крај, очекувате ли фер изборен процес и какви резултати очекувате од изборите на 12 април?

СДСМ како и досега ќе води позитивна кампања, базирана на конкретни мерки и решенија. Покажавме дека имаме план дека знаеме и можеме да работиме за граѓаните и за државата. Сите одлуки, сите мерки, сите политки што ги спроведовме во изминатите две и пол години беа исклучиво за подобрување на животот на граѓаните. Така и продолжуваме преку новата програма која повторно ќе понуди многу храбри мерки и политики. Јасно е дека на овие избори СДСМ е фаворит. Јасно е дека граѓаните гледаат кој работи на напредок и развој, а кој на уназадување и изолација. Тоа граѓаните го ценат и нема дилема дека на 12 април повторно ќе ги поддржат
политиките на СДСМ и дека заедно со нив ќе продолжиме на прав пат, пат кој носи повисоки плати, стабилност и сигурност и способна држава.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...