Добро што десетта година по ред Македонија добива позитивна препорака за почеток на преговори за членство во ЕУ. Тоа е добро и таа препорака треба да се реализира. Досега осум препораки не се претворија во почеток на преговори за членство заради противењето на Грција во однос на спорот со името и ветото кое што тие го поставуваа, рече Александар Николовски потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
– Минатата година Заев и Димитров се согласија на срамниот Преспански договор за преименување на Македонија. Сепак и покрај тоа и покрај потпишувањето на договорот на 16-ти јуни, веќе на 29-ти јуни датум за почеток на преговори за членство во ЕУ немаше иако тоа беше најголемото ветување кое што Заев и Димитров го дадоа. Годинешнава повторена препорака само покажува дека минатата година и Заев и Димитров како и Владата лажеа дека има датум за почеток на преговори за членство. А, нема затоа што нема реформи. Немаше реформи минатата година како што нема реформи и оваа година – рече Николовски.
Според него, и годинава ќе нема датум за почеток на преговори иако го нема спорот за името.
– Ако лани лажеа и вината ја префрлаа на други, оваа година слушаме изјави од типот ЕУ да си го одржи зборот. Како ЕУ да е некој пазарџија кој што треба да си го одржи зборот. Или слушаме како луѓе блиски на оваа власт напаѓаат пријатели на Македонија, големи европски држави обвинувајќи ги за оваа состојба и не сакајќи да се погледнат себе и да погледнат кон себе. Вистината е дека датум немаше и за жал датум нема да има, затоа што нема реформи во клучните области. Нема реформи тоа го констатира ЕУ, тоа го констатираа земјите членки на ЕУ, а тоа секојдневно го живеат граѓаните на Република Македонија – потенцира Николовски.
Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ придонела во Собранието за подобрување на многу реформски закони и затоа им честита на пратениците.