Николовски: За набавка на приплоден добиток сумата ќе се зголеми на милион евра

124

Сточарството изминативе години беше запоставено и затоа овој период сме насочени кон креирање на нови мерки и политики за развој на оваа земјоделска гранка – порача на денешната средба со сточарите во Берово, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Министерот Николовски ги образложи  актуелните состојби во сточарството, како и мерките на МЗШВ за поддршка на овој сектор. Тој најави дека в година со Програмата за рурален развој 2019 година, се планира зголемување на сумата за мерката 121 „Набавка на приплоден добиток“ , од постоечките 14 милиони денари на 60 милиони денари или околу еден милион евра. Дополнително, ќе се работи на промени во Правилникот за оваа мерка да биде подостапна за сточарите .

– Оваа мерка ќе придонесе за обновување на генетскиот потенцијал на сточниот фонд, што ќе влијае врз зголемување на продуктивноста на сточарското производство и на севкупниот развој на оваа гранка. Падот на бројките во  сточарството мора да го сопреме и потоа заеднички да со вас сточарите да работиме на соодветни мерки за развој на оваа гранка. Сметам дека е еден од најважните сектори во земјоделството и затоа во следниот период силно ќе се фокусираме на нови мерки и политики. За прв пат објавивме наменски оглас за државно земјоделско земјиште под закуп до 3 и над 3 хектари за сточари за производство на добиточна храна, за в година се планирани 600 илјади евра за колектори за струја на бачилата со овци, а паралелно работиме и на други мерки, како што е новиот Законот за пасишта, измени на Законот за државно земјиште и други – истакна министерот Николовски.

Со новиот закон по речиси 20 години, како што информираат од МЗШВ, ќе се уреди постапката и користењето на пасиштата во државна сопственост како добро од општ интерес, на современ и транспарентен начин. Со законските решенија е предвидено да се воспостават евиденција на државните пасишта и Регистар на пасиштата, како и да се пропишат одредби за класификација на пасиштата, согласно со нивната намена.

Во годинешната Програма за директни плаќања за 10 отсто е зголемена субвенција по грло за сточарите со развоен потенцијал. Се воведоа и нови мерки во сточарството, како што се дополнителни директни плаќања за уматичен грло-маторица, со цел подобрување на генетскиот потeнцијал и зголемување на производството на свињите, и дополнителни директни плаќања од 30 проценти за зголемен пријавен број на грла во основно стадо, несилки и пчелни семејства, соопштија од Министерството.

На средбата во Берово присуствуваа и директорот за стопанисување со пасишта, Љуљзим Фејзулаи, и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...