Николовски: Вице Заев се потел и црвенеел од мојата изјава

3410

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, денеска се појави во граѓанскиот суд во Скопје на подготвително рочиште за тужбата за клевета и навреда која против него ја поднесе братот на премиерот Вице Заев.

Николовски беше сам затоа што, како што рече, речил да се брани сам и дека нема потреба од правна помош бидејќи тужбата е класичен нон сенс и политички притисок.

– Вице Заев ме тужи за нарушени чест и углед затоа што во телефонско јавување во еден медиум сум кажал дека про-НАТО и про-ЕУ вредности не се наместени тендери, бизниси за членови на фамилијата и братот на премиерот кој станува главен бизнис фактор во државата.  И сум кажал дека и во Брисел и во Вашингтон многу добро знаат дека тоа не се про-западни про-НАТО и про-ЕУ вредности. Ова е причината зошто го малтретираме судот, зашто се трошат средства, зашто се одзема вашето и моето време. Но очигледно пораката е друга. Пораката на главниот бизнис фактор во државата, сега веќе е станат тоа, тогаш не беше, е до сите бизнисмени да размислат што може да им се случи на нив ако може главниот бизнис фактор во државата да го тужи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, вториот човек на опозицијата – изјави Николовски за медиумите.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека очекува судот да ја отфрли тужбата и за медиумите појасни што пишува во неа.

– Пишува дека од изјавата Вице Заев чувствувал вознемиреност, главоболки, имал вегетативна симптоматологија во вид на потење и црвенило на лицето, па јас би сакал да го прашам на кој начин дошол до тие заклучоци и како утврдил дека тоа му се случува. Следното рочиште е на 26 февруари, јавно кажувам што ќе го прашувам, има време да се спреми – порача Николовски.

Според информациите, Вице Заев бара отштета од 30.000 денари (околу 500 евра).

– Ако на Вице Заев му дошло до 30.000 денари, со здравје нека ги троши – рече Николовски.

Николовски рече дека пред судот ќе се брани само со тоа што го навел во одговорот на тужбата и нема да изнесува дополнителни докази.

– Поенатата на одговорот е следна: тоа што сум го кажал сум го кажал во својство на потпретседател на политичка партија, опозициона, која има право да ја напаѓа работата на владата и има право да искажува свои мислења за начинот на работа. Врз основа на бројни написи во медиуми, имам наведено преку 40 написи, сум стекнал впечаток дека братот на премиерот станува главен бизнис фактор во државата. На тоа има два начини да се одговори или да потврдат или да излезат и да демантираат, а не да ги малтретираме сите да доаѓаат на суд – рече Николовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...