Никола Тодоров повикува ВМРО-ДПМНЕ да ја разреши Василевска

955

Поранешниот функционер во ВМРО-ДПМНЕ и министер за образование и здравство, Никола Тодоров, во разговор за Дојче веле, испрати, како што вели, „отворен и искрен повик до Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“ да поведат постапка за разрешување на Иванка Василевска од Извршниот комитет, како и дисциплинска постапка за нејзино исклучување од партијата.

Реакцијата следи по интервјуто на Василевска во српски медиум, со тези спротивни на стратегиските цели на партијата и државата. Таа подоцна испрати демант до српскиот медиум каде ја демантираше формата („не се работи за интервју, туку за слободен разговор, академско толкување на состојбите на Балканот“), но не ја демантираше содржината на изјавите кои предизвикаа незадоволство во јавноста.

– Како долгогодишен член и функционер на ВМРО ДПМНЕ, неправедно исклучен поради јавно искажан збор и борба за остварување на стратегиските цели на партијата и државата, испровоциран од интервјуто на г-ѓа Иванка Василевска од 24.10.2019 за српскиот медиум stanjestvari.com, ги повикувам и апелирам веднаш да ги свикаат надлежните тела на партијата и без одлагање да ја разрешат г-ѓа Иванка Василевска од функцијата член на ИК на ВМРО- ДПМНЕ, како и да поведат дисциплинска постапка за нејзино исклучување од партијата, бидејќи делува и работи спротивно на стратегиските цели и интереси и на партијата и на државата. Ова, од причина што Василевска со посоченото интервју сериозно го наруши угледот и реномето на ВМРО-ДПМНЕ, како дома така и во странство – изјави Тодоров за Дојче веле.

Освен на неколкуте нејзини скандалозни тврдења, тој се осврнува и на фактот што во интервјуто Василевска јавно и без колебање изрази воодушевеност од политиката на неутралност на српскиот претседател Александар Вучиќ.

– Имајќи предвид дека Србија веќе има отпочнато преговори за полноправно членство во ЕУ, јасно е дека воодушевеноста од неутралноста се однесува на ставот на Србија за неутралност кон НАТО, односно изразеното противење на Србија да стане членка на НАТО, како и воодушевеност од српската политика на кокетирање помеѓу Русија и западните демократии. Ова не смее да биде став ниту определба на член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тоа е во целосна спротивност со доктрината, програмата и стратегиската определба на партијата – реагира Тодоров.

Според него, доколку раководство на партијата не поведе постапка за Василевска, сега и веднаш, ќе остави простор ВМРО-ДПМНЕ да се смета за партија која поддржува неутралност (старата политика на неврзаните) и дека е против НАТО.

– Ова никако не смее да го дозволите. По ниедна цена. Па и по цена да изгубиме некој глас поради ова. Не е важно дали сме пред избори или по избори, дали сме на власт или во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ не смее да отстапи од своите стратегиски цели и интереси. Делувајте брзо и одлучно. Секое калкулирање или колебање ќе нанесе дополнителни и несогледливи последици по партијата – ѝ порачува Тодоров на партијата.

Василевска веројатно еднаш реагиралa до српскиот медиум, но не поради содржината на објавеното интервју, туку поради тоа што била испуштена буквата M oд името ДПМНЕ. На тоа укажува фактот дека под, дотогаш недемантираното интервју, стоеше „извинување од Редакцијата до Василевска и до читателите, поради грубата техничка грешка“.

Спорното интервју на Василевска доаѓа во период кога ВМРО-ДПМНЕ јавно потврдува дека се залага за членство на земјата во ЕУ и НАТО, а од друга страна, нејзини пратеници и партиски функционери во интервјуа за странски медиуми зборуваат за „начини на кој може да се поништи” или „одново да се разгледа“ Преспанскиот договор, иако е јасно дека без него членството во Алијансата ќе беше невозможно.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...