Никола Николовски победник на „Скопје Опен“

105
FOTO MIA

Интернационалниот мајстор (ИМ) Никола Николовски е победник на возобновениот турнир „Скопје Опен“, кој заврши синоќа, со учество на околу 80 шахисти. Според стартниот рејтинг, тој беше трет носител на турнирот, а на крајот е прв на табелата со 7,5 бода од 9 партии со шест победи, три реми и без ниту еден пораз.

Како што соопштија организаторите, со идентичен скор како и 21-годишниот шахист од Македонија беа и ИМ Борољуб Златановиќ (Србија) и ИМ Вјачеслав Тиличеев (Русија), кои на крајот според „тај-брејк“ критериумите (популарно познат како „Бухолц“) беа рангирани како второпласиран и третопласиран.

Со победа во последното коло, на четвртото место се најде ФМ Тони Лазов со 7 бода, бидејќи имаше едно реми повеќе од конкурентите. На делба на петтото место се најдоа велемајсторите Звонко Станојоски и Владимир Димитров (Бугарија) со 6,5 бода. Горан Главинац со 6 поени ја предводи групата играчи од седмо до 13 место, етаблирајќи се како најдобар од аматерите на турнирот, притоа единствен играч што на целиот турнир играше со сите тројца велемајстори и остана непоразен, освен во дуелите со Николовски и Лазов.

– „Скопје Опен“ е предвесник за поубава шаховска иднина која македонските љубители на древната игра ја заслужуваат. Зад нас се години во кои нефункционалната федерација не направи ништо за македонските играчи и се соочуваме со голем јаз меѓу постоечката генерација и онаа што доаѓа. Ние сфативме дека мора да се стави акцент на настаните за македонските играчи, па „Скопје Опен“ е само почеток, а во соработка со градската управа и заинтересираните помагатели, ќе продолжиме натаму со замисленото темпо секој месец да имаме некаков настан, било да е младински или сениорски, во забрзан или класичен ритам на играње. Воедно, апелираме до пошироката бизнис заедница, својата општествена одговорност да ја искажат преку поддршка на шахот, затоа што на овие големи умови, почнувајќи од оние што играат за сениорската репрезентација, па се до најмалите ученици, тоа им е мошне потребно, рече Ѓорѓи Миновски, претседател на Шаховскиот сојуз на Град Скопје, кој беше организатор на турнирот.

Македонските шахисти и во минатото имале забележителни успеси на меѓународен план, но, како што рече тој, поради игноранцијата на државата за проблемите во кои е оваа спортска дисциплина кај нас, ситуацијата е влошена по сите параметри.

– Ако говорам само за турнирот, бројката од 80 играчи, меѓу кои имаше и 20 странци, според мене не ја отсликува добро желбата на играчите кои сакаат да се натпреваруваат. Има објективни и субјективни причини, турнирот трае цела седмица, потребно е да се одвои време, па и средства за котизација. Кога шахот во Македонија би имал свои вистински помагатели, па да може да се организираат турнири без котизација за играчите, сигурен сум дека бројката би била два пати поголема. Играчи имаме, но за жал сите бараат изговор да не излезат на турнир, или пак се префрлаат меѓу судиите поради финансиски причини. Тоа е многу поголем проблем и потребно е поголемо разбирање од сите општествени чинители, а пред се од федерацијата која на овој турнир кој беше најмасовен и најквалитетен во Македонија за 2019 година, не му помогна со ништо, дополни Миновски.

Шаховскиот сојуз на Скопје минатиот месец ги возобнови и младинските првенства во сите категории со турнир на кој учествуваат преку 80 млади надежи.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...