Никола Мицевски ќе шефува со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, можни се нови превирања

2800

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе решава дали пратеникот Никола Мицевски ќе биде новиот координатор на пратеничката група.

Пратеници за Плусинфо брифираат дека Мицевски е предлог на претседателот Христијан Мицкоски. Доколку Мицевски помине вечерва на Извршниот комитет на партијата ова ќе значи дека ќе продолжат превирањата во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ .

Како што Плусинфо веќе објави, услов на дел пратеници е шефот на пратеничката група да го изберат пратениците, а не партиското раководство. Ова е услов и ВМРО-ДПМНЕ наместо со 10 во Собранието да дејствува со една пратеничка група.

Пратеници пак, кои се приврзаници на политиките на Мицкоски велат дека вечерва ќе се знае дали Мицевски ќе помине на Извршниот комитет. Тие додаваат дека секогаш било пракса координаторот на пратеничката група да го избере раководството во координација со пратениците.

Местото координатор на пратеничка група остана празно откако Драган Данев пред неколку дена најави дека се повлекува од функцијата. Данев ја извршуваше функцијата неполна година, а неговото повлекување следи по низата исклучувања, разрешувања и оставки од партиските функции поради несогласувања со раководството.

Мицевски е штипјанец, завршил Земјоделски факултет и е магистер по економски науки од областа на МБА-Менаџмент.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...