Од Агенцијата за обезбедување НИКОБ, излегоа со реакција во врска со вчерашниот инцидентот во Скопје за време на манифестацијата на положување на крстот во реката Вардар наведувајќи дека жалат што медиумот и новинарката сакаат да му дадат таква конотација на нивниот труд.
Оттаму посочуваат дека обезбедувачите сторо се придржувале до нивните задачи и планот за движење, а организаторот на настанот, МПЦ им се заблагодарил за професионалноста.
Реакцијата, ја пренесуваме интегрално:
„Националната агенција за обезбедување НИКОБ и годинава традиционално ја обезбедуваше манифестацијата на положување на Светиот Крст во водите на Вардар. За чествувањето на еден од најголемите христијански празници Богојавление-Водици, нашата агенција се погрижи со 30 обезбедувачи, за манифестацијата да мине во најдобар ред.
Но, одреден медиум јавува дека на чествувањето на христијанскиот празник дошло до немил инцидент и напад на новинар кој известувал за настанот. За жал, медиумот искажа јавно незадоволство и упати обвиненија за непрофесионално однесување на вработени во агенцијата.
НИКОБ обезбедување,како и минатите години хуманитарно се погрижи за безбедноста а за време на одржување на манифестацијата се придржуваше на утврдениот протокол од страна на организаторот. За успешно завршеното обезбедување на манифестацијата од страна на организаторот ни беше искажана благодарност и честитки.
За настанот НИКОБ обезбедување потенцира дека обезбедувачите строго се придржуваа кон задачите, одредениот план за движење и дека обврската на вработените е да обезбедуваат, а не да напаѓаат новинари поради што искрено жалиме што медиумот и новинарот сакаат да му дадат таква конотација на нашиот труд“, наведуваат од агенцијата.