Во кичевскиот Основен суд ниту денес не почна судењето за кичевскиот бомбаш Шекерим Ахмеди познат како Ел Чека. Судот вторпат го одложи почетокот на рочиштето бидејќи во меѓувреме Ел Чека ангажирал адвокат, но бранителот на бомбашот не дошол на судење оти не бил уредно поканет.
Од судот за Плусинфо информираат дека судењето е одложено за 30 септември. Првото одложување на судењето беше поради тоа што се чекаше МВР и официјално да го извести судот дека Ел Чека е недостапен ,односно дека е во САД, за да бидат запазени процедурите. Во меѓувреме судот добил известување од МВР дека Ел Чека е недостапен за органите на прогонот, но на денешното рочиште не се појави адвокатот на Ахмеди.
Од судот велат дека таткото на Ел Чека со полномошно ангажирал бранител за својот син. Судот испратил покана до одбраната на Ел Чека, но не добиле повратница дека адвокатот ја примил поканата.
Кичевецот кој живее во Чикаго објавуваше на фејсбук прислушувани разговори од поранешни и сегашни функционери на ДУИ, е обвинет за неовластено прислушување и тонско снимање, дело за кое му се закануваат од 1 до 5 години затвор.
На Фејсбук се уште има активни профили со неговиот псевдоним на кои се реобјавуваат бомбите, за кои Ел Чека тврди дека ги добил од тројца обивнети во Диво Насеље.
Последната објава на Ел Чека е од пред еден час, каде го коментира денешното рочиште за „Монструм“.
– Вака се закануваат и измачуваат Албанците од режимот на Заев, Груевски и Александар Антиќ, (алудирајќи на Ахмети) – напиша Чека.