Еве како би се рекло тоа на јазикот на Гаетан Пикон:
Новата геолошка доба ја издигнува кората откако успеа да ги поремети најдлабоките ментални слоеви на македонската планета, а ние се однесуваме како дека во дворот ни рие крт. Се преобразува историската стварност на нашиот свет како и нејзиниот секојдневен пејзаж и се уриваат најдобро обезбедените перспективи на нашата мисла и нашата култура, а ние се однесуваме како да можеме да ги бојкотираме тие процеси.
Новиот свет пружа поглед на огромно извртување на очигледностите – никој не може да стапне во него без да изврши темелно преобратување во себе, без да го извади од корен духот од неговото традиционално и природно тло. Од сите страни никнуваат стварности што ги превртуваат нашите некогашни очигледности. Тоа е затоа што ние ги принудивме да се појават. Една нова коперниканска револуција ја пореметува најопштата перспектива на мислата.
Продолжуваме да живееме, да мислиме, да чувствуваме, како да не се случиле сите тие промени. Се случува нашиот суд да се одвојува од нашето верување. Она во што веруваме, чувствуваме, правиме, често му противречи на она што мислиме или не води сметка за тоа.
Цинични сме, но не како прашање на стилот туку како прашање на заскитаниста.
Исто е и со тоа што го проповедаме.
Темите онтолошки, дебатата естрадна
На волшебен, би рекол, начин, вморонот се покажува како помодерен субјект од сдсмонот, затоа што тој (ВМРО), всушност, е нашата превртена очигледност, тој е таа разделба меѓу нашите чувства и нашите ставови, тој е извадениот корен на нашиот дух. Тој е нашата негација, тој е факторот кој ни дозволува да кажеме дека Македонија е невозможна во услови на демократија, ако ВМРО е една од алтернативите. Затоа што по природата на нештата ја покренува внатрешната дисолуција и ги активира Павловите рефлекси на сите околни кучиња на ист начин како и пред формирањето на Република Македонија. ВМРО е химничната смрт, која во услови на демократија станува од гробовите за да ги повлече тие што заборавиле да умрат за Македонија.
СДСМ е организација кај која добрите желби и исправните ориентации се судираат со заостанатата ментална структура, со инертноста, бавноста, наивноста, и најмногу од сè, со идејата за живот за сите преку самокастрација на сопствените победнички потенцијали.
„СДСМ е народна партија со демохристијанска ориентација, која се темели на конзервативно поимање на човекот и дава етичка основа за одговорна политика.“
Членот 2 од новиот статут на Злосторничкото здружение против Македонија, би можел да биде доктринарна дефиниција и на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Која одбива да се преобрати во себе и во своето поимање на Македонија за да стане модерен субјект. Модерен во изградбата како што е ВМРО модерен, дури би рекол и постмодерен, во деструкцијата.
Изгледаме така карикатурално со старите теми за Илинденското востание, за Мечкин Камен, за уставното име, за идентитетот што сакаме да го скриеме во тегла со формалин, како курот на Распутин.
Нивото на кое се третира темата за референдумот односно темата што се третира со референдумот, е многу под нивото на тој историски предизвик. Темите се темелни, базични, онтолошки, би рекол, а дебатата е естрадна, како борба меѓу две репрезентации за гласовите на трета земја на песна на Евровизија.
Референдумот има смисла само како општонародна потврда на единствената ориентација, тој е глупава замисла како гласање за тоа дали ќе скокнеме од стотиот кат без падобрани или ќе одиме да се симнеме со лифт. Како резултат на специјалната војна и внатре и однадвор, имаме фалсификување на волјата и на свеста на еден слој од општеството. Имаме податоците за бројот на гласачите, кои како да се позајмени од избирачкиот список на Кина.
Загубени критериуми
Загубени се сите критериуми за општествена дебата.
Гордана се жали дека судскиот процес негативно се одразува врз развојот на нејзиното бебе. И тоа се пласира како релевантна информација. Мицкоски ја напаѓа власта за катастрофалната состојба во високото образование и за ниските резултати во борбата против корупцијата. И тоа оди како релевантна информација. Како возачот на комбето со кое беа згазени стотина лица во Ница да држи предавања за тоа дека власта не се грижи за безбедноста на луѓето што се шетаат покрај азурниот брег. Или Брејвик да гостува во дебатните емисии на норвешката телевизија со критики за развојот на младинскиот туризам на островите. Или Ал Завахири да ја напаѓа високоградбата во Америка од аспект на подложноста на небодерите на воздушни напади на терористички групации.
Вијадуктот во Ѓенова се урна, а Триумфекалната капија и Археолошкиот музеј во Скопје, заедно со споменикот на Алаксандар, сè уште се држат. Тоа сведочи за Тајната на македонската архитектура која се состои од ставот и ритуалот дека говното не може да се урне.
Ние сме еден голем исерок на Историјата.
Кој не може да се урне, но може да се измие на европскиот дожд на современите процеси.
Можеме ли во таква ситуација од историјата да очекуваме единство на сите наши желби, на највисокото добро што го проектиравме во иднината.
Пикон би рекол – не, затоа што тоа добро успеавте да го загубите во сегашноста.
Македонија му е името.
Време за ресетирање
Фактот дека триесет години, ако не и цели осумдесет, се расправаш со светот за тоа кој си и што си (име, црква, историја, јазик) кажува дека е време да се ресетираш, а не да продолжиш да докажуваш дека не си тоа говно за кое тој свет те смета. Не да се ресетираш од Македонец во Инуит, туку од Македонец во компетитивно битие.
За прв и, веројатно, последен пат, хомо сапиенсот го остава кормилото на својот брод во рацете на најглупавите. Уште од времето на првите амеби било најубавите, најпаметните, најхрабрите, најбескрупулозните, да го пробиваат патот низ историјата, а сега се тоа најглупавите. Да сум Гоце Делчев, јас би го разбрал ова како поле за културен натпревар во исчезнувањето, дали на глупоста или на човештвото, тоа е големо прашање.
И покрај сè, јас сум оптимист. Општеството ќе најде начин да не се убие на 30 септември. Три работи имам предвид: прво, власта ќе ја интензивира и, се надевам, продлабочи кампањата во врска со референдумот, второ, се надевам дека и меѓународната заедница со низа од мерки и активности ќе се вклучи во оваа активност и трето, се надевам дека финансиската и бизнис олигархија на ВМРО-ДПМНЕ ќе разбере дека шансите да се вратат на власт преку неуспехот на референдумот се минимални во однос на шансите да го загубат своето богатство во агоничните процеси на македонската смрт и дека ќе најдат начин да го искористат своето влијание не за успех на бојкотот, туку за успех на референдумот.
П.С.
Струшките вечери на поезијата имаат смисла како фестивал на добрата храна, на виното, на дружењето, како туристички подвиг на една мала средина, но како напор за културно воздигнување, или како исповедница на културното ниво на Македонија и на светот, тие се парада на карикатурата. Нема ништо побесмислено и посмешно од фестивалите на поезијата, дотолку повеќе што велелепните остварувања на духот или не доаѓаат во Струга или не се консумираат гарнирани со фестивалската салата од неверојатни умислености на поети на кои светот и смислата и љубовта им бегаат како Европа и НАТО пред бојкотирачката нација на Македонците. СВП беа хромозом на младата нација, која во меѓувреме реши да се убие. А тие останаа да живеат во својот вампирски формат.