Ние Велики, Британците Северни?

3497

Кога ја гледам политичката драма низ којашто поминува Велика Британија со, за викендов, одобрениот од ЕУ договор за британскиот Брегзит – наводно изгласан за само четири секунди на самитот на ЕУ! – овие нашиве политички превирања ми се чинат како мала возбуда за време на попладневна чајанка во пензионерски дом во Дојран.

Договорот со ЕУ, зад кој стои Тереза Меј, речиси да нема никаква шанса да помине во британскиот парламент – од нејзината партија 80 пратеници веќе јасно се изјаснија дека ќе гласаат против, а владата и онака има тенко коалициско мнозинство од само десеттина пратеници. Овде нема потреба од заморување за тоа кој за што се залага и на која страна стои во врска со Брегзитот во таа демократска зоолошка градина на Британците, но големото мнозинство на оние што се за Брегзит мислат дека овој договор во многу важни области не претставува фактичко излегување на Британија од ЕУ. Меј, всушност, веројатно нема ни мнозинство во сопствената партија за договорот.

Ако договорот не помине – а нема – тогаш премиерката Меј најверојатно ќе издржи недела-две на чело на извршната власт, за потоа да мора да си даде оставка од челото на британската влада. Тоа ќе биде еден чекор пред нејзиното заминување од чело и на британската Конзервативна партија. Од таквиот расплет Меј единствено може да ја спаси внатрепартискиот хаос и стравот кај нејзините сопартијци дека ќе треба, заради нејзиниот пад, сите да одат на брзи вонредни избори, со предвидлив катастрофален исход.

Но, без разлика на судбината на Меј, што ќе биде со Британија и ЕУ ако падне овој договор?

Во принцип, можни се две сценарија. Можно е Британија идниот март да излезе од ЕУ без договор, што за британската економија, за нејзините меѓународни трговски односи, за илјадниците системски поврзаности со Унијата и за меѓународната позиција на земјата, воопшто, би било како со трчање да поминете низ затворена стаклена врата, со истурен нос нанапред… Ќе преживеат, се разбира. Ама има да боли многу, многу години во догледна иднина и на секоја промена на времето во Каналот!

Од друга страна, можно е големиот јавен притисок, после ваквиот дебакл со овој договор на Меј за Брегзит, да го натера парламентот да изгласа нов референдум за повторна проверка на јавноста дали сега, откако имаа две години да се соочат со илјадниците последици по одлуката за Брегзит, резултатот на референдумот би бил Британија да остане во ЕУ. Но, дури тоа и да се случи, резултатите ќе бидат дополнителна сол врз отворената рана на поделби и конфронтации во таа земја по сите општествени линии што можат да ви паднат на памет: меѓуетнички, меѓугенерациски, рурално-урбани, шкотско-англиски, ирско-англиски, социјални, образовни, европско-британски и уште којзнае колку други. Ќе се распараат по сите штепови како стар капут одамна заборавен, па нагло изваден од влажен подрум.

Такви некои времиња дојдоа, државата што своевремено го имаше (и го цедеше) половина свет како своја колонија – во Британската Империја, нели, сонцето никогаш не заоѓаше! – денеска имигрантски да се уплаши од полските водоводџии и романските бабици до таа мера, што реши осамена да си остане на постојано дождливиот остров, на кој и кралицата може да им ја надживее државата!

Зборот ми е, ние и Британците треба да размислиме дали да не си ги смениме улогите: бидејќи тие ќе се распаднат за да излезат од неа, а ние не можеме да се составиме за да влеземе во неа, можеби би можеле да направиме мала рокада во ЕУ, па тие во името да додадат Северна Британија, а ние да додадеме Велика Македонија и така да се разминеме на вртечката врата за влез/излез во Унијата?!

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...