Нидермилер: ЕП ќе се обиде да ја примора ЕК да реагира за азилот на Груевски

775

Унгарскиот европратеник од Социјадемократската група, Питер Нидермилер, за МИА објаснува кои чекори ги преземаат европратениците за да ја примораат Европската Комисија да реагира на случајот со Груевски.

Во наредните недели, најверојатно пред божиќните празници, европратениците ќе побараат темата да се стави на дневен ред на ЛИБЕ комисијата, односно парламентарната комисија која се занимава со човекови права и слободи.

– Прво ќе испратиме меѓупартиско барање за дискусија во ЛИБЕ комисијата затоа што мора прво да се дискутира на ниво на комисија, а потоа комисијата може да даде предлог до конференцијата на претседатели да се стави на дневен ред на пленарна седница. Се надевам дека ќе имаме доволно пратеници кои ќе го поддржат предлогот, вели европратеникот.

Доколку биде прифатено, темата тогаш би се отворила како дебата на пленарна седница на Европскиот Парламент, најрано во јануари. За тоа е потребна доволна поддршка од главните политички групи во ЕП. Европратеникот е уверен дека ќе добијат таква поддршка од повеќето колеги во ЕПП, како и кај Либералдемократите, Зелените и се разбира Социјалдемократите

– Ќе биде дебата за владеењето на правото, улогата на Унгарија во целиот процес и како да се справиме со оваа ситуација, човек кој е осуден во својата земја на демократски начин за корупција и потоа земја членка на ЕУ го поддржува политички, ова не можеме да го прифатиме, ова е европско прашање – вели Нидермилер.

Сепак, за сега шансите ова да се преточи во резолуција на Европскиот Парламент не се извесни, бидејќи за тоа е потребно “повеќе од доволна поддршка, туку широка поддршка“ објаснува за МИА европратеникот.

Преку резолуција, притисокот врз другите европски институции и врз земјите членки би бил поголем.

.-Ако имаме дебата, ќе видиме дали има реална можност за резолуција. Ако имаме дебата ќе биде голем успех, не сум сигурен дека ќе стигнеме до резолуција, но можеби работите ќе сменат во следните недели, но не сум сигурен дека ќе има резолуција – вели Нидермилер.

Но, додава тој, „по дебатата во ЛИБЕ комисијата, Европската Комисија ќе биде приморана барем да испрати писмо или мислење, целава работа е далеку од завршена.“

За дискретноста на реакциите на другите европски институции, Питер Нидемилер објаснува дека “господинот Хан испрати писмо до унагрската влада со барања за објаснување, така што сигурен сум дека ќе има и други начини да се зборува со унгарската влада.“

Европратеникот не очекува Унгарија да го смени ставот во однос на почетокот на преговорите со Македонија и покрај тоа што му одобри азил на Никола Груевски цитирајќи го недостатокот на независност на македонското судство.

– Не знам кои се намерите на унгарската влада, тие пробаа да објаснат дека случајот со Груевски е изолиран од проширувањето и дека ќе продолжат да ја поддржуваат во Македонија. Знаете, во Европскиот Парламент толку многу пратеници и политички партии ја поддржуваат Македонија, што не менува многу што мисли Унгарија – вели тој за МИА.

За Нидермилер е „незамисливо“ Унгарија да го блокира процесот на проширување на ЕУ кон Западниот Балкан.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...