Управата за Јавни приходи работи на решенија кои ќе ја олеснат регистрацијата на граѓаните на новиот електронски систем за пријавување на персонален данок на доход, но апелираат граѓаните да не чекаат на новите решенија, туку навреме да ја завршат обврската.
– Покрај првичните опции (регистрација преку полномошник, односно овластување на друго лице на самите шалтери на УЈП) ќе понудиме и други опции се со цел да се изнајде наједноставно решение преку кое ќе се овозможи поедноставување на самата процедура за регистрација а со тоа поедноставена процедура за пријавување на персоналниот данок на доход – велат од УЈП.
Не откриваат на какви решенија работат и дали новото решение е само за пензионерите, но потврдуваат дека една од опциите е и предлогот пензионерите и вработените кои немаат друг приход освен пензијата и платата да бидат ослободени од обврската.
Вакво решение најави и премиерот Зоран Заев, неодамна, а го потврди и Министерството за финансии.
Што ќе понуди УЈП, ќе се знае наскоро бидејќи рокот за електронска регистрација на персонален данок е до крајот на годинава. Од УЈП велат дека навреме ќе ги информираат граѓаните, но апелираат сите оние кои можат да ја завршат обврската навреме и да не чекаат други решенија.
– Апелираме да не се чека изнаоѓање на решението туку оваа категорија на граѓани која е во можност сама да изврши регистрација, како и сите даночни обврзници – физички лица веднаш да се регистрираат на новиот систем на УЈП Е-ПДД каде што и самите ќе увидат што се им се нуди преку овој систем и какви олеснувања ќе имаат со оваа регистрација – велат од УЈП.
Новиот модел пријавување персонален данок од доход кој го наложи УЈП предвидува секој кој има било какви приходи, па и пензионери и вработени само со плата и пензија, да мора да се регистрира на електронскиот системот на управата. Потоа регистрацијата да се ископира и да се достави на шалтер во УЈП.
УЈП најави и моделни даночни шалтери како помош за пензионерите и лицата кои немаат интернет.
Предвидена е и регистрација преку полномошник, односно овластување на друго лице на самите шалтери на УЈП или на нотар.
Од мај следната година УЈП треба да изготви пополнета годишна даночна пријава и електронски да им ја достави на граѓаните.
Потоа, граѓаните во рок од 30 дена, доколку во неа има неточни податоци за приходите и платениот персонален данок да ја исправат пријавата и да ја препратат во УЈП.