Да, јасно е и разбирливо е и треба да добие поддршка праксата на органите на прогонот да не бараат притвор, ама баш секогаш кога некој сторил кривично дело. Уште појасно е дека во притворите и во затворите низ Македонија сѐ уште има луѓе што за минорни престапи, гнијат по влажните ќелии, опкружени со персонал на кој му треба (да се изразам најблаго) долга, долга обука. А за некои, веројатно, сериозна истрага.
Уште се свежи сеќавањата на оние што го изгубија здравјето во гнасните ќелии, во крајно нечовечни услови. Се сеќаваме и на оние смртни случаи поради негрижа и ненавремено обезбедување лекарска нега. Се сеќаваме на момчето што на свои дваесет и неколку години умре во најтешки маки, а неговото тело беше фрлено на студениот бетон во штипскиот затворски двор. А требаше да отслужи само неколкумесечна затворска казна за кражба… И тоа момче имаше мајка и татко, семејство, друштво, симпатија… Но, го нема повеќе.
И добро знаеме кој ги претвори затворите и притворите во тешка и сурова казна, место каде што правдата и разумот никогаш не стапнале. Со години ги гледавме како мавтаат со заканите за притвор и судења, додека се крмеа со крвта и со парите украдени од тие што ги нарекуваа „народ“, истиот што бесрамно го мамеа, тепаа и ограбуваа. Тие го создадоа тој систем во кој станаа неприкосновени господари на животот и на смртта, богати ко султани без да вложат трошка труд, туку само со измама и насилие (и прислушување).
И ете, кога требаше да вкусат дел од тоа што самите го исфрлиле од сопствениот ненаситен дигестивен тракт, проработеа механизмите што ги создаваа за своја одбрана. Еден по еден, станаа фактори на успехот или неуспехот на целата земја. Радосни, не одмаздољубиви (иако и тоа би било оправдано до некаде), ги дочекавме вестите за притворите на (само) дел од македонските тирани. Бевме и претпазливи, бидејќи предолго се чекаше на правдата. Потоа следеше бегството на Н.Г. и процесите за амнестија на неговите верни слуги и учесници во погромот на демократијата и обидот за државен удар. Како „колатерална штета“ на „повисоките цели“… И, на крајот, дојде и тоа: ослободување од притвор на оние чии судски процеси требаше веќе одамна да бидат завршени, а украденото конфискувано и вратено на сопствениците – граѓанките и граѓаните. На здравје! До „хашките одаи“ на затворот во Шутка дојдоа со убави коли. Со убави коли и ќе излезат и ќе одат на раскошни прослави за Нова Година, додека илјадници трпези ќе бидат скромни, па и празни, а домовите студени. Сега никој не мисли на тоа дека можат да избегаат и да влијаат на сведоци, судии, политичари, министри… Не. Време е за прослава…
Нека е и за повисоки цели, остава грдо и мачно чувство. Цената е навистина превисока. И ќе ја плаќаме уште долго, многу долго. Надежите за европска иднина се претвори во неумолив лихвар што наплаќа камата во достоинство и крв.
Можеше ли поинаку?
Секако дека можеше да биде поинаку, подобро, подостоинствено, поправедно. Поточно, можевме ние, сите до еден и без исклучок, да бидеме подобри, посвесни, порационални и поупорни. Можевме да бидеме повеќе будни и погласни во осудата на режимот на разбојниците, а не да се затвориме во тесното грло на квази-идеолошките матрици. Можевме да бидеме поприземни и да разбереме дека оние, колку зли, толку и гротескни, јадра на раздорот (платени и со рубљи) треба да бидат разбиени на начин што овозможува вистинско заздравување на општеството. Требаше да знаеме кои се границите на компромисот, за да знаеме каде започнуваат помирувањето и интеграциите.
Многумина од нас пропуштија да ја видат големата слика, а оние што ја гледаа, пропуштија да ја раскажат со едноставни зборови, со искреност и топлина во гласот. Многумина им дадоа гласови на избори на луѓе што не заслужуваат доверба ни за чување бостан (или контејнери), камоли да бидат власт. Многумина гласаа и ги поддржуваа арамиите од сопствените илузорни трла (етнички и верски), затоа што се плашеа од „другите“ што ја имаат истата мака. Многумина заглибија во турските серии и никогаш не излегоа од нив. Дали е предоцна сеќавањата и надежите да се вратат и да станат реалност? Изгледа дека да, предоцна е. Можеби може по нешто и да се спаси, но засекогаш пропуштивме да го живееме шарениот живот на демократијата. Не во овој живот, не оваа генерација, а следните веќе се десеткувани – појдоа во белиот свет, оставајќи ги црните домови зад себе…
Навистина, убави се сеќавањата. Правдата и правото се наѕираа на оловните хоризонти, но пропуштивме да ги видиме црните облаци на нашите проклетства.