Недела, свет ден, ден за одмор. Арно ама хрисјанските корени на овој ден не ги разбираат сите подеднакво…Еден таков ден неделен, македонци ватиле жестока кавга, па им требал судија да им пресуди кој е во право, а кој е во криво. Кај судијата познат и правичен кадија, стасал задишен писарот и му рекол: „Ефенди кадија, морате да дојдите во беледието, македонци се караат на живот и смрт, треба да пресудите кој е во право, а кој е во криво“.
„Аман бе ќерата, шо им текнало на ѓаурите да се караат во недела кога нашиот Алах и нивниот Господ одмараат? Арно ама ако е сабјата до гушата идам да видам шо е работава да не си ги пресечи и гушите и душите“!
Кадијата му рекол на писарот прво да го викни Апасиев и другар му Петров. Едно влегување во судницата кадијата прашал.
– Ѓаур бе Апасиев, шо ви текна џенг да отворате во недела и мене рајато со анката да ми го расипите.
Апасиев без око да му трепне, гледа во Петров, па во кадијата и распалува.
– Ефенди кадија, не знаеш Ти колку е лош Дарко и другар му Осман. Тие ја погребаа нашата мачна и праведна Македонија. Ние се сторивме вудве да го исчалгаме директното гласање на народот да не менува ништо, туку да си останиме то шо сме и да си живееме мирно и среќно.
– Ти бе ѓаур, му вели кадијата на Петров, имаш нешто да дополниш?
– Многу имам, ефенди кадијо. Прво Дарко и Осман не знаат шо бараат. Сакаат во Европа и во НАТО ама сакаме и ние. Тие плус сакаат и некаков договор со Грција, а ние не сакаме, оти со тој договор ќе ни го сменат името, ќе ни го извалкаат образот…Ние не даваме.
– Аха, разбрав оти браќата прво си ги вадат очите, после одат на еким за очи. Туку да прашам вие двајца да не знаете дали тие двајца се и против царштината, рече кадијата?
– Не се, ама можи и да се. Цврсти сознанија немаме, ефенди кадија!
Кадијата му вели на писарот да пиши: „Апасиев и Петров се во право. Да влезат Дарко и Осман, а да излезат Апасиев и Петров“.
Едно влегување само четворицата што не се – судрија. Избегнувањето беше ефектно. Кадијата со истото прашање што му го постави на Апасиев и Петров, сега ги праша Дарко и Осман.
– Де бре умни и учени, шо ви текна борби да прајте, во недела правина да барате.
И двајцата молчат. Кадијата му вели на постариот Осман.
– Кардаш бе, ти да кажиш?
– Ќе кажам, ве молам, нема да лажам ефенди кадијо. Кавгата е сложена, ве молам ама работата е проста: мнозина пратеници во Собранието, ве молам, изгласаа одлука да му се даде прилика на народот да кажи шо сака: Европа, НАТО и Договор со Грција, или ни првото, ни второто ни третото. Одлуката е уставна. Тука илје нема.
Кадијата како да сети дека Дарко има нешто појчке да кажи. И му даде збор.
– Одлуката да си кажиме право не е ниту Куран, ниту Библија. Има во неа и некои правни недостатоци, ама тие не се решавачки да го изгубиме најважниот натпревар што го водиме со комшиите од Грција цели 27 години. И ние во Уставниот суд со повеќе гласови да фрлиме низ пенџере предлог иницијативата на тие пред нас.
– И вас да прашам, да не беа овие кардаши пред вас против царштината, рече кадијата?
– Не се, ама можи и да се. Цврсти сознанија ефендика кадија немаме.
– Пиши, му вели кадијата на писарот: „Дарко и Осман се во право“.
Писарот збунет го прашува кадијата: „Ефенди кади како можи и едните и другите да бидат во право“?
– И ти си во право…Туку ај сега сите да одиме на гласање, ако сакаме Македонија да победи.