Не само конзервација, туку и реставрација, оспособете ја МРТВ!

Но да се разбереме, парите и за најсофистицирана опрема и високи плати не прават добра, интересна и гледана телевизија. За таков услов требаат луѓе талентирани и фанатизирани новинари кои ќе знаат да конципираат, а уште повеќе да реализираат добра, интересна и привлечна програма.

1088

Пролет не се враќа, надеж е бабјото лето… Македонската радио телевизија, таа некогаш многу разгалена институција со набилдана моќ, подолг период е на крстопат, ни напред ни назад, најлоша состојба и на „духот и на материјата“. Кој придонесе за оваа „поспана“ состојба, сега воопшто не е важно, важно е Mакедонската радио телевизија да се „ослободи“ и оспособи за функцијата за која постои.

Лично, во последно време почнав поредовно да ја гледам МРТВ. Не е толку лоша како од пред две-три години кога им служеше на господарите на парите. А, за тоа можам само да претпоставам дека се виновни нејзините челници кои лошо ја дешифрирале пораката на познатиот Волтер Липман дека „новинарството е професија блиска, истовремено и далечна од власта… Блиска за да биде во центарот на збиднувањата на настаните, а далечна да не дозволи други да ѝ ги пишуваат написите“!

Кога веќе го спомнувам Липман, неговото „pro primo“ до новинарите од сите возрасти е дека „информацијата треба да биде, точна, брза, вистинита и да стаса на време“! Овде новинарите од МРТВ мислам дека имаат проблем. Џемс Рестон знаеше за журналистичките епистоли да каже дека се лиферуваат понекогаш несериозно и по – налог. Тоа јавноста не го сака! Информацијата подразбира најголем степен на објективност, а коментарот лично определување.

За да нема заблуди, а кај нас дури и премногу ги има кога станува збор за медиумот ТВ, мора не да се каже, туку секогаш да се повторува дека сите телевизии на светот, па и нашата МРТВ, се споредуваат со – ламји, змејови… За да дадат минимум треба да им се даде максимум. Сѐ е друго поинаку, телевизија без содржина. Она што досега го програмираше МРТВ беше борба за опстанок за „гол живот“. Оттаму не смее никого да го чуди и збунува што било кое раководство на МРТВ го тераше и сѐ уште можеби го тера на партиско-владетелска припадност. За постоечките содржини на МРТВ не треба да се штедат критики, иако добро е и цивилизациски е да се внимава на дискурсот што ќе се користи, зашто нема новинари кои по објавената информација, особено објавениот коментар, колумна и анализа ќе ги избегнат пороите, грмотевиците, убавото и лошото, победите и поразите, љубовта и омразата… Како на нишан постојат ловци гледачи кои дваесет и четири часа имаат исконска потреба од дежурство покрај ТВ апаратот за она што го пишуваат новинарите да ги пофалат, но меѓу нив секогаш има и такви кои поради истата информација или коментар ќе ги плукаат и раскинуваат. Најпосле секој е слободен да каже тоа што мисли за „својата“ телевизија, но е должен да има минимум изградено критичко мислење за слабостите и вредностите на ТВ медиумите. А, тоа пак подразбира многу знаење и многу разумност и добра видливост.

За љубов на вистината, ниту една партија не прави телевизија. Телевизија прави државата. За жал, ние еве скоро три децении ја повторуваме грешката на „грешниот социјализам“ кој на македонските села им градеше патишта кога тие беа веќе иселени и празни. Затоа никому не верувам дека државата Македонија не може и не знае и нема пари да ја оспособи МРТВ со онаа опрема што ѝ е многу потребна да функционира ефикасно и информациски точно и навремено, да има опремени дописништва, аташирани ТВ претставништва низ државата што ќе ја поддржуваат главната централа во Скопје.

Но да се разбереме, парите и за најсофистицирана опрема и високи плати не прават добра, интересна и гледана телевизија. За таков услов требаат луѓе талентирани и фанатизирани новинари кои ќе знаат да конципираат, а уште повеќе да реализираат добра, интересна и привлечна програма.

Предлог до архитектите на „Слободен печат“ во нивниот весник да отворат широка, добронамерна дебата, да ја привлечат јавноста да го каже своето мислење да се создаде конечно јавен сервис со која денот во светот на информирањето, анализирањето и критичкото посматрање, забавата, спортот и животот воопшто, ќе се почнува со МРТВ. Во овој сет од предлози и разбирања до министрите Дамјан Манчевски и Роберт Поповски посакувам да разговараат и го уверат премиерот Заев МРТВ да добие тоа што ѝ треба на една модерна, ефикасна и гледана телевизија на граѓаните на Македонија потребна како „лебот наш насушен“ и скромна гордост, ако таква постои.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...