Не пријавувајте отворени огнови на Фејсбук, пријавете ги на 193

Во периодот септември/октомври годинава во споредба со истиот период лани има зголемување од околу 120 отсто во однос на изречените казни, а има изречено и голем број опомени за несовесните граѓани.

479

Наместо на Фејсбук и на социјалните мрежи, огновите на отворено граѓаните да ги пријавуваат на 193, апелираат градските власти.

Тие во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Територијалната единица за противпожарна заштита, Црвениот крст и Здружението на граѓани „Љубезност“ ја продолжува кампањата за пријавување огнови на отворено.

– Палењето огнови на отворено е законски забрането, но е честа појава. Најчесто тоа е последица на несовесноста на некои граѓани, но во некои случаи е и единствен начин за затоплување во студените зимски денови на нашите сограѓани кои немаат соодветно живеалиште. Горењето пластика, гуми, кабли, неквалитетни дрва и палењето на дивите депонии влијаат на загадувањето на воздухот. Статистиката покажува дека греењето на дрва учествува со една третина во загадувањето на воздухот, а најотровните состојки се испуштаат од отворените огнови. За таа цел мешани тимови и оваа година ќе работат секој ден, 24 часа, за борба против огновите на отворено. Граѓаните активно можат да ги пријавуваат сите случаи на палење огнови на отворено во кол-центарот, на телефонскиот број 193 – рече на Ваљон Салиху, портпарол на Град Скопје.

Со пријавување на огнови на бројот 193 наместо на социјалните мрежи, Салиху нагласи дека екипите ќе можат да интервенираат навремено, а со тоа и ќе може да се спречи евентуална опасност по здравјето и имотот на нашите сограѓани.

– Дежурните екипи ќе ги процесираат сите пријави, огновите ќе бидат изгаснати, а доколку постои потреба од згрижување на лицата кои ги палат огновите ќе интервенираме во координација со Центарот за социјална работа на Град Скопје. Одговорноста за решавање на проблемот со огновите на отворено е заедничка за сите нас и затоа е неопходна активна соработка со граѓаните. Градот Скопје интензивно работи на елиминирање на причинителите на загадувањето на амбиентниот воздух во градот – нагласи Салиху.

Минатата зима, во рамки на оваа кампања беа регистрирани вкупно 438 јавувања на телефонскиот број 193. Беше интервенирано на 334 огнови на отворено, а во 114 случаи на терен излегоа комунални инспектори.

Раководителот на Секторот Инспекторат на Град Скопје, Мирослав Богдановски, денеска објасни дека градските инспектори вршат засилени контроли на терен по однос на загадувањето на животната средина и досега се пронајдени и казнети поголем број прекршители во Вардариште и во Ѓорче Петров.

– Во периодот септември/октомври годинава во споредба со истиот период лани имаме зголемување од околу 120 отсто во однос на изречените казни, а имаме изречено и голем број опомени за несовесните граѓани. Засилено се следи и состојбата во Лисиче, каде што граѓаните пријавуваат извори на загадување. Фатени се неколку малолетници кои гореле кабли и различни отпадни материјали. Ги контролираме и градилиштата по однос на прашината, дали се чисти тркалата на камионите, дали се покриени со церади и слично. Направени се контроли кај повеќе од 50 градилишта на подрачјето на Скопје – рече Богдановски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...