Не помирување, туку обична пристојност

3039

Заев повторно ја затркала идејата за помирување, Мицкоски вели дека тој ќе го повика за да закаже средба на таа тема. Тоа се вика добар почеток.

Она што ќе следува ќе биде многу потешко. Бидејќи во земјата не се дојде до партиски консензус за, во овој момент, најважното стратегиско прашање – влезот во НАТО – а дури и тој процес се искористи за дополнителни конфронтации, обвинувања и меѓусебни дискредитирања, прашање е како би се спровела во реалноста идејата за помирување.

Опозицијата го „замрзна“ своето натамошно учество во процесот „Жан Моне“, што е варијанта за помирување под покровителство на Европскиот парламент, велејќи дека нема да има никакви меѓупартиски разговори додека – како што се чувствуваат – се под прогон на „УДБА“ и на „корумпираниот судски систем“… Или беше „теророт во Собранието“? Тоа значи дека, од нивна страна, разговорите за евентуално помирување, всушност, би биле преговори за намалување на кривично-правниот прогон против членови на структурите на минатата власт кои се сомничат дека сториле некакви кривични дела.

Сегашната власт, пак, претходното „помирување“, кога се составуваше двотретинското мнозинство за поддршка на Преспанскиот договор во Собранието, го направи толку валкано, што на човек да му помине секаква желба за повторно отворање на таа тема.

А и целата идеја за „помирување“ мене ми изгледа како глупав проект. За што би се миреле?

Во Македонија, всушност, има потреба од деескалација на политичкиот речник и на меѓупартиските препукувања, по три пати на ден, со квалификации кои се далеку од здравата памет… На пример, глупаво е да се тврди дека Христијан Мицкоски е антизападен и антиевропски политичар, колку што е крајно неодговорно да се зборува за „крвавите раце на Заев што вода не може да ги испере“. Ова не е прашање на помирување, ова е прашање на хормонален третман на партиските пропаганди кои мораат да престанат да се третираат меѓусебно како крвни непријатели.

Можеби, наместо помирување, има повеќе смисла во партиските пропагандни штабови да им се воведат „граѓански цензори“, претставници од граѓанските организации кои се занимаваат со прашања на демократија, слобода на медиуми и со спречување на говор на омраза, кои ќе го „ветираат“ секое партиско соопштение пред да се прати за објавување. Не би било лошо ваква цензорска интервенција да се направи и со секој говор на партиските лидери, а и нивните јавни настапи да бидат предмет на оценка за пристојност и политичка коректност.

Сепак, чекор во добра насока е веќе направен со кандидатурата на Гордана Сиљановска Давкова за претседателски кандидат, бидејќи со неа може да се очекува деескалација на политичката офанзивна реторика. Професорката е олицетворение на пристојност и политичка коректност, па кој и да е на другата страна како противкандидат мислам дека ќе биде крајно политички контрапродуктивно да го симне нивото на изборната комуникација во некакви „обикновени“ води за политички пропаганден натпревар меѓу нашите политички партии.

Според тоа, нема штета од тоа Заев и Мицкоски да се видат и кафе да испијат. Тоа би можеле и редовно да го прават. Но, да не очекуваме дека тоа ќе се изроди во некакво чудо невидено, бидејќи овде политиката е сè уште борба на живот и смрт, во која победникот зема сè, а губитникот губи сè. Додека така се сфаќа политичкиот ангажман, помирување нема да има.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...