Би било идеално кога на Пепи или некое друго лице кое се изгубило би му пристапил некој граѓанин за да му помогне да го врати дома или да го пријави случајот во полиција, а и социјалните служби да се активираат. Алцхајмеровата болест е многу компликувано заболување кое создава и компликувана ситуација во општеството, но граѓаните да не се плашат да се доближат до овие лица кои се загубиле, зашто тие не се опасни по околината и нема да ги нападнат, вели д-р Драган Илиевски, претседател на Здружението на лица со Алцхајмер.
Тој тврди дека овие лица не се препознаваат ни самите себеси кога ќе се видат во огледало, па штом излезат надвор од дома – готово е, сигурно ќе се загубат!
– Ако сами излезат надвор лицата со Алцхајмер и деменција не може да го пронајдат станот без помош од друго лице. Тие се дезориентирани во простор и време. Ова е исклучително сложена проблематика – овие луѓе се зависни од друг и тоа 24 часа, а воообичаено, мора да се под терапија. Тие може да се малку поагресивни во домашни услови кон блиските, зашто немаат меморија и не се сеќаваат на своите најблиски, а во огледало не може дури ни својот лик да го препознаат – појаснува д-р Илиевски.
Има најразлични случаи кога лица со вакви болести се губат – некои брзо ги наоѓаат, а некои за жал, не ги наоѓаат живи.
– Во однос на болеста, најважно е раното откривање, но, за жал, иако поминале дури 118 години откако таа е откриена, сѐ уште не се знае причинителот. Постојат 10 до 15 ризик-фактори за појава на Алцхајмер, но сѐ уште нема адекватна терапија – вели д-р Илиевски.
Токму за граѓаните да се информираат како да ги препознаат симптомите на деменција и Алцхајмер, во септември ова Здружение делело флаери, брошури и други информативни материјали во Скопје.
– Лицата со Алцхајмер мора да се под 24-часовен надзор и не може сами да живеат. Затоа или се во семејството или се сместени во домови. Нема причина за страв од нив, тие не се агресивни, може мала агресивност дома да изразат, најчесто забораваат каде нешто оставиле, па им прават проблеми и се караат со домашните зашто се сомничави. Не треба да им се дозволи да излезат надвор – советува д-р Илиевски, кој еднаш месечно држи предавање на Универзитетот за трето доба „Свети Кирил и Методиј“.
Во Загреб „градинка“ за лица со Алцхајмер
Скопјанка чија 79-годишна мајка страда од деменција раскажува:
– Иако е дома, мајка ми секој ден ми вика: „А да си одам јас дома?“. Не смеам да ја оставам сама, може ќе вклучи рингла, па ќе се запали станот. Затоа работам од дома. Почнав да ја носам во кабинетот за деменција на клиника, каде ѝ направија проценка и ѝ препишаа лекови од кои ѝ се подобри состојбата, па сега сама оди барем до тоалет, што порано не можеше. Загрижува што нема дневен центар за овие лица што поскоро треба да се отвори.
Таа вели дека во Загреб постои т.н. „градинка“, односно дневен центар за лица со Алцхајмер.
– Таму ги оставаат изутрина овие лица на чување, а луѓето одат на работа и ги земаат попладне. Сигурно и другите поголеми градови имаат вакви центри – вели 50-годишната Д.Ѓ.
На Клиниката за психијатрија во Скопје е отворен Кабинет за деменција, каде се прегледуваат пациентите со овие заболувања, а освен психијатар, таму работи и психолог кој врши психолошка проценка.
Најмалку 100 лица на листа на чекање во Геронтологија
Во Заводот за геронтологија „13 Ноември“ во Скопје се бара место повеќе за овие лица – околу 100 стари лица од целата земја се на листата на чекање, а во установата веќе се згрижени 250.
– Едни од најчестите заболувања на пациентите кај нас на Геријатрија се токму деменцијата и Алцхајмерот, а тие, бидејќи се стари лица во прашање се најчесто со повеќе заболувања, а за нив се грижат колеги специјалисти од повеќе области, како и медицински сестри и друг персонал. Оние со деменција се на одделот за психогеријатрија и се 40 и повеќе, па „фул“ сме – сите капацитети се пополнети, а има листа на чекање на која се плус 100 нови пациенти од целата земја. Но да нагласам – ние не сме дом за стари лица, како што најчесто нѐ препознаваат, тоа е објектот „Мајка Тереза“, туку сме Завод со тенденција да прерасне во специјална болница, каде овие лица се под постојан надзор од лекари, медицински сестри, болничари, кои 24 часа во денот се грижат за нивната здравствена состојба, како и за тоа овие пациенти да не избегаат. Во минатото имаше такви случаи, па со полиција ги враќаа, а оваа година, за среќа, никој не ни избегал – вели д-р Салија Љатиф Петрушовска, директорка на Заводот.
Таа нагласува дека постои можност Заводот да се прошири за да може да одговори на зголемениот број барања за прием.
– Ставот на стручниот колегиум е да се прошират капацитетите во кругот на Заводот, не само за лицата со Алцхајмер, туку и за другите, а тоа го побаравме и од Министерството за здравство, каде наидовме на разбирање. Треба да се направи доградба, а неопходно ќе биде и засилување со стручен кадар, кој секогаш недостига. Системски е проблемот, тука е многу тешка работата, пациентите се во тешка здравствена состојба, засегнати најчесто од повеќе заболувања. Очекуваме средства за проширување да има со ребалансот на Буџетот – порачува д-р Љатиф Петрушовска.