Не морате кај д-р Груевски во Будимпешта, модерна опрема за лекување синуси доаѓа во Македонија!

Владата на Заев, од засега неутврдени причини, не успеа да го спречи одлевањето на овој важен мозок од земјата, но затоа сега со народни пари ќе успее да го спречи одливот на мрсули  во Унгарија.

4069

Знам дека и вие, како и јас, дури неодамна разбравте дека Будимпшета е еден од најсовремените европски центри за лекување синуси и дека не е случајно тоа што за своја дестинација престолнината на Унгарија ја избра и д-р Никола Груевски, човек со докажана и неспорна експертиза во оваа област на медицината.

Владата на Заев, како што е познато, од засега неутврдени причини, не успеа да го спречи одлевањето на овој важен мозок од земјата, но затоа сега со народни пари ќе успее да го спречи одливот на мрсули во Унгарија и со тоа ќе му зададе смртен удар на најпознатиот унгарскиот азилант оа македонски происход, кој ординира токму во Будимпешта.

Така, министерот за здравство, д-р Венко Филипче, јавно се пофали дека на Клиниката за уво, нос и грло во Скопје е набавена нова опрема за хируршки интервенции и апарати за анестезија, во вредност од 130.000 евра. Погодете за што е оваа опрема! „Станува збор за минимални инвазивни методи посебно во сферата на хирургијата на синуси, која зема се поголем замав и е тренд во сите развиени центри во светот“, објаснува д-р Филипче.

Па нормално бе! Знае оваа власт што е тренд во развиениот свет. Од сега, за да ги лекувате вашите синуси, не да мора да се мачите да патувате во Будимпешта, да отворате боледувања, да закажувате „мој термин“ кај д-р Груевски и да го барате по локалните кафеани. Благодарејќи на оваа власт, сето тоа сега ќе се прави тука во Македонија. Ќе се воведат нови методи за прв пат во јавното здравство во Македонија.

А кога ќе легне целава збрка, кога ќе се испоамнестираме и ќе се испомириме, никој нема да ни пречи да го поканиме д-р Груевски, како докажан унгарски експерт, повремено да гостува во Македонија, на консултации, а во соработка со Клиниката и со д-р Филипче. Слушам дека д-р Груевски веќе подготвува нова стручна книга, со наслов „Сѐ што отсекогаш сте сакале да знаете за мрсулите, а ви било срам да прашате“.

И види згодна работа, за сево ова нема да мора ни тендер да распишува. Ако не мораше да се распише тендер за отворање детска кардиохирургија со народни пари во приватната болница на д-р Жан Митрев, нема сега да го тупиме за некакви банални синуси. А и кој друг има ваква опрема како нашата државна клиника и ваква експертиза како нашиот орбановец, д-р Груевски?

Во крајна линија, треба малку да се има и доверба во луѓето. Филипче, Нино Тодоров, Груевски… си се знаат они од порано. Да не кажам, од ист мрсул потекнуваат. Или грешам?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...