Не може Охрид без Цеца

Не може Охрид без Цеца, не може без бандити и локални шерифи, не може без лесковачки туризам. Ако не може, можам јас без Охрид. Ќе навратам тајно, кога ќе мине оваа калакурница, само да го видам сонцето што заоѓа зад Јабланица. Ако стои уште таа Јабланица...

4086

Многу ми е мака што неколку години веќе не доаѓам во Охрид. Најубавиот град во Македонија и на Балканот некогаш беше мојот втор дом. Во доцните деведесетти години, а и подоцна, се трудев да мотивирам и политичка и спонзорска поддршка градот да стане она што заслужува да биде, нашиот балкански Ерусалим. За придонесот на мојот „Дневник“ за промоција на туризимот во Охрид, сега покојниот градоначалник Никола Наумовски ми додели плакета, копија на маската од Требеништа. Одлично соработував и со градоначалниците Александар Петревски и Никола Бакрачески, обајцата од различни партии. Ама кој да мисли на партии, кога шета крај езерото, насладувајќи се на најубавото зајдисонце на светот, она кога сонцето заоѓа зад Јабланица?

За Охрид вредеше да се истрпи сѐ. Локалниот менталитет, најубаво опишан во оној виц кој сите го знаете – немат ренде. Неколкукратните убиства на езерото, после кои тоа стана акумулација. Катастрофалниот пат од Скопје до Охрид, кој сега моите пријатели го опишуваат како рели Париз – Дакар. Агресијата на локалните насилници, кои заведуваат некој свој ред во градот и за кои сега слушам дека од ВМРО експресно се прешалтале во СДСМ. Доминацијата на оној одвратен, паланечки, лесковачки туристички концепт. Велам, вредеше да се истрпи сѐ. Скоро сѐ...

Вредеше додека успевавме во Охрид да наоѓаме пријатели и познаници, со кои заеднички ќе се евакуираме во неколкуте тајни островца на убавината и спокојот, бегајќи од Лесковац на мору. Арно ама, ни снема луѓе. Имаме уште неколку пријатели во Охрид и неколку упорни скопјани, ама тоа веќе не ни е доволно. Магијата исчезна. И сега, навраќам во градот многу ретко, никако во летната сезона и не останувам подолго од два дена. Во последнава година дојдов само еднаш, службено, на семинар. Не мрднав од хотелот.

Искрено, се понадевав дека по промената на власта, нешто ќе се промени и во Охрид. Си помислив, можеби новата локална власт ќе почне да смислува нов концепт на охридскиот туризам. Не, не очекувам да ми се врати Охрид од мојата младост (не беше и тој за машала), туку да се замисли еден сосема поинаков туристички центар, кој ќе развие понуда за луѓе што ќе умеат да ги пронајдат и да уживаат во вистинските, скриени богатства на овој град. И си ветив, ако тоа се случи и ако новата власт успее барем базично да се справи со локалната багра, ќе му се вратам на Охрид.

За жал, барем засега, нема ништо од таа работа. Еве, читам дека новиот градоначалник Јован Стојановски решил да го одврзе општинското кесе и во градот да ги доведе Цеца, Северина, Шерифовиќ и Цукеро (појма немам кој ви е тој Цукеро). Фали само Аца Лукас, без кој, нели утврдивме веќе, секоја журка е бесмислена. Општината што се дави во долгови, за овие концерти спичкала 90.000 евра (извинете на вулгарниот израз, ама нема семантички попрецизен). И што да се каже повеќе? Не може Охрид без Цеца, не може без бандити и локални шерифи, не може без лесковачки туризам. Ако не може, можам јас без Охрид.

Ќе навратам јас пак, ама кога ќе мине оваа охридска калакурница (простете и на овој вулгарен израз, ама верувајте, нема попрецизен). Ќе доаѓам тајно, на ден-два, никој да не знае, да украдам малку од езерото и ако се погоди времето, да го погледнам сонцето што заоѓа зад Јабланица. Ако стои уште таа Јабланица…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...