Не заробена, туку во умот здробена

И, ве молам, никој да не се залажува дека ова е последниот закон за легализација на дивите градби: она што се случило еднаш може и да не се повтори, но она што се случило двапати, со сигурност ќе се случи и по трет пат! 

2825
grcev

Точно се сеќавам кога тоа сиво, магливо и влажно утро, в четврток на 24 февруари 2011 година, фашизоидниот режим на ВМРО го објави нормативното укинување на владеењето на правото во Република Македонија. Владеењето на правото всушност беше суспендирано некоја година порано, уште од воспоставувањето на вмровската диктатура, зимата 2007 година, но таа суспензија се одвиваше повеќе во практиката на управувањето, низ поединечното менување на законски одредби, подзаконски акти и најмногу низ кривоколчење на законите со малоумно извртување на значењето на зборовите. Не, овој пат укинувањето на правото во библиската земја е изведено со закон, донесен во Собранието, и тој одвратен четврток уредно објавен во службениот весник на Републиката. Законот, чиешто име беше безначајно, бесмислено и подмолно бенигно – исто како и во случајот на Хитлеровите нирнбершки закони, се викаше Закон за постапување со бесправно изградени објекти.

Се сеќавате ли воопшто, почитувани читатели, што е тоа „владеење на правото“? Погледнувате десно угоре, слушате шум на планински поток во главата, нешто ви звучи познато, како од детство, но не, никакво јасно значење не се појавува во свеста. Знам како се чувствувате. А, зошто и би стоело на ум нешто толку нематеријално, потполно избришано од нашите мазни мозоци, долги години нурнати во системско државно малоумие, нешто што е одамна изгубено во шумот на времето? Елем, владеењето на правото е дефинирано уште од Аристотел, и тоа со зборовите дека е „подобро со земјата да владее законот, отколку кој и да е нејзин граѓанин: според истиот принцип, доколку е потребно на одредени личности да им се довери повисока власт, тие треба само да се чувари и слуги на законот“. Тоа е тоа: слободата, еднаквоста, правдата и демократијата се можни само во општество во кое владее правото.

А, што пишуваше во фамозниот Закон за постапување со бесправно изградени објекти? Во тој мал, зол и неверојатно отровен закон е уништен основниот принцип на владеењето на правото, принципот на хиерархиска усогласеност на законите со уставот, на подзаконските акти со законите и на поединечните управни акти со сите погоре. Во популарниот „закон за легализација“ е утврдена изопачена и обратна постапка во која бесправните градби – кои се кривични дела и се спротивни на урбанистичките планови, згора и кршат уште куп системски, општи и посебни закони, стандарди и прописи – со поединечен управен акт донесен во непроѕирна темница зад затворени врати, се претвораат во „легални“, се запишуваат во катастарот на недвижнини, и згора, на починителите им се дава – како награда! – и земјата под и околу објектите.

Со ова законче, мало и вижлесто како вирус на еболата, со управен акт за „утврдување на правниот статус на бесправна градба“ се укинува целиот правен поредок, зашто со поединечен акт се суспендираат законите за просторно и урбанистичко планирање, за градење, за градежно земјиште, за животна средина, културно наследство, јавни патишта, енергетика, па дури и системските „двотретински“ закони за сопственост и други стварни права, за облигации и кривичниот законик. Во законот за укинување на владеење на правото (како би требало да се вика „законот за легализација“), во членот 31, законите и буквално се укинуваат, заедно со системскиот Кривичен законик (!): „Постапките за отстранување на објектите од значење за Републиката согласно со Законот за градење и друг закон и на објектите од локално значење согласно со Законот за градење, како и управните и судските (кривичните) и граѓанските постапки во врска со изградба на бесправни објекти со наведената намена, започнати пред влегувањето во сила на овој закон, ќе запрат со денот на влегувањето во сила на овој закон.“ Ехеееееј, патриоти, се кренавте ли против оваа библиска чума, против оваа јустицидна апокалипса, м?

Не, почитувани читатели, не само што никој не се побуни против ова распуштање на „светата македонска држава“, ова законско растурање на остварувањето на „вековната борба за национална и социјална слобода и создавање на своја држава“, туку законот стана најомилениот и најприменуваниот закон во земјава! Сите институции на државата без исклучок и уште грандиозна бројка граѓани радосно и гордо земаа учество во кражбата на правото и во виралното дробење на правниот поредок, всушност, на самата државност. Македонското општество буквално се обедини низ одредбите на овој криминален и неписмен текст, и одбра унисоно да ги спроведува нормите на „законот за укинување на правото“, а не на Уставот, ни на Кривичниот законик, ниту пак на стоте други закони што се и понатаму на сила, сите со одредби спротивни на омилениот закон за легализација.

Во годините што следеа, „Законот за укинување на правото“ поттикна невидено масовно диво и криминално градење, но и зачудувачки и не помалку криминални законодавни и управни практики. Режимот на ВМРО влезе во дијареично менување на законите за планирање и градење (104 изменувања и дополнувања на Законот за просторно и урбанистичко планирање, Законот за градење и Законот за градежно земјиште), така што овие станаа криминогени генератори на уште повеќе диво градење. Агенцијата за катастар на недвижности – која во меѓувреме неуставно приграби тоталитарна моќ деспотски да одлучува за постоењето или непостоењето на имотот на граѓаните – илјадниците свои и други институционални грешки почна да ги решава на сметка на странките, терајќи ги луѓето во понижување своите легални имоти да ги запишуваат во катастарот низ фалсификувана процедура како да се дивоградби. Можеби половина – кој знае? – од 430-те илјади барања за легализација отпаѓаат на овие лажни легализации. Важењето на најомилениот и најефикасниот македонски закон се продолжуваше повеќе пати, така што тој до крајот на минатата година (кога завршија роковите за поднесување на барања за легализација) веќе стана новата бесправна нормалност околу која е постигнато „македонското национално единство“.

Слушам дека Владата му предложила нов „закон за укинување на правото“ на Собранието за итно донесување, во обид да ги задоволи несопирливите масовни притисоци на македонските зависници од диво градење и невладеење на правото. Свесни ли сме за огромноста и непоправливоста на грешката? И, дека донесувањето на овој закон ќе го укине правото засекогаш, и ќе ги направи непотребни законите за урбанистичко планирање и за градење (и сите други!) зашто кога постои паралелен закон за легално диво градење сите тие се практично излишни? И, ве молам, никој да не се залажува дека ова е последниот закон за легализација на дивите градби: она што се случило еднаш може и да не се повтори, но она што се случило двапати, со сигурност ќе се случи и по трет пат!

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...