Не туку така старите рекле: „Зад секоја нечесна понуда, постои уште поголемо нечесно барање и намера”. Па така и со случувањата и „надмудрувањата” помеѓу сегашнава власт и опозиција во нашата држава. Нашава кобожемна опозиција силно се удираше во гради, се јуначеше и притоа уценуваше со барање за вонредни избори за да седне на заедничка маса и да преговара за судбината односно за иднината на СЈО, Катица, Вилма и останатите. Рејтингот на опозицијата од „цели” 12 отсто во услови кога власта го направи најголемото национално предавство, грабеж и лош политички инжинеринг со државата и истата има 10-11 отсто рејтинг беше дополнителен силен ветер во грб, опозицијата конечно да се надева дека ќе „издејствува” голема и вечна победа. Вонредни избори.
И така ден по ден, наспроти сите успеси на власта се случи „чудо”!. Се јави „спасителот – премиер” и понуди вонредни парламентарни избори на само два месеци пред редовните во 2020 година. Замислете колку тоа гордо и силно звучи. Каква е таа епохална победа на опозицијата!?. Да се издејствуваат вонредни избори на само два месеци пред редовните, кога се ѐ тип-топ во државава, па дури и при најавени инвестиции од 5 милијарди евра!?.
Нашава „јуначка” и грамзива опозиција во фрлената ракавица на „спасителот” виде одлична основа за заедничко седнување на иста маса и водење преговори. И тоа не било какви преговори, туку преговори за заедничко самоамнестирање. Сега тие конечно преку договорот за меѓусебно самоамнестирање сложно ќе го „оправат” и СЈО и ОЈО. Нема повеќе разно разни „ојовци и сјовци” со нивните сплеткарења и наклонетост лево-десно на дневна основа, да ја кочат нивната „агилна” посветеност и пожртвуваност кон дадената им обврска од народот. Има ред да има, ако сакаме ЕУ и НАТО.
Аххх конечно си велам колку ли само било лесно, власта и опозицијата да се договорат, да седнат на заедничка маса, кога е во прашање сопствената кожа и кожата на сопартиецот или шефот. Па чуму чекавме толку време и толку не држеа во „неизвесност”. Тие повлечи, натегни, затегни, а ние трепериме како лисјата на дрвјата. Демек ни ојде државичево. Од друга страна пак си велам, па зарем е можно браќата и сестрите, другарите и другарките да не се договорат, кога сѐ си знаат еден за друг. Толку добро си сѐ познаваат што сите си знаат кој брат или другар (сестра или другарка) колку е сантиметри или метри е „пропаднат во калта”. Кој повеќе, а кој помалку се снашол и од „рекетот”. А за тоа се погрижија „добрите” чичковци од поблиското и подалечното ни соседство и вечните ни пријатели, кои добро ги „потхранија” нашиве браќа и другари, па дури им оставија и резерви за не дај боже.
А ако е така, значи не било целта да се дојде до договор за одржување на избори, туку до суштината на преговорите. Сигурен сум и тврдам дека доколку „храбро” и „машки” се договорат (а нема никаква причина да не се договорат), за ниту еден од нив не е битно кога ќе бидат и кој ќе победи на вонредните избори?!. Важно државата со полна пареа потоа ќе ни појде напред, како и досега. И сите ќе бидат среќни и весели. Ќе нема повеќе притвори, ненадејни разболувања, барање азил и бегства и секој од нив ќе си го добие „своето”, она што во минатото има припаѓало на другите или на сите нас. Или како што вели една стара српска поговорка (надграден идиом) „коме опанке, а коме обојци, а некима богами и врло лепе ципеле”.
Додуше ајде да не бидам до толку малициозен и да се вратам на главното и да си признам дека вонредни избори се вонредни избори, па дури и да се на една недела пред редовните. А замислете воопшто да не беа вонредни!?. Ќе се изначекавме до редовните избори цели два месеци или можеби дури и една недела. Ама вонредни се брѐ брате!. Што е битно кога сѐ?. Целта е постигната и таа ги оправдува средствата што рекол некој од минатото ист или сличен како нив.
Овие условени преговори за „вонредни избори” се одлична и единствена можност пред неколку пара очи (или пак само во четири очи) да се извадат „адутите” на маса. „Ти го имаш тоа, ама види што имам јас за тебе”. „Види што и мене ми дадоа добрите чичковци и нашиве дечки”. „Дај да не се будалиме и офираме и понатаму” е основата и суштина на преговорите и седнувањето на заедничка маса. И така се по ред, снимка по снимка, збор по збор, глас по глас, документ по документ, се до целта. А таа гласи: „Ниту лук сме јале, нит лук ќе мирисаме”; „Било што било, поминало”; „Сложни браќа и по петок мрсат”, а сите измрсени (салосани) од глава до петици. Но, најбитно за нив е тоа што по завршувањето на преговорите мрсните гревчиња уморни од тешкото преговарање конечно ќе можат малку и на раат да „попостат” ослободени и „испрани” од сторените гревови поради секојдневниот долгогодишен мрс.
А народот? Е тоа е најтешкиот одговор во овој момент. Но, сепак гледајќи ги овие незаситни и бедни самоамнестирани политичари сигурен сум дека конечно ке ја донесе вистинската одлука. Повеќе е од јасно дека еден мал број се уште неосвестени ќе аплаудира и ќе вели браво за нашиве (демек имаат мадиња луѓево, алал да им е), а другиот во поголем број со нетрпение ќе чека да добие шанса конечно да им ја „дозабибери” до даска суштината на преговорите без разлика на формата на изборите.