Не е виновен само Слободан Милошевиќ

А, дали господине Андов, Милошевиќ беше виновен и за забраната да ја преземат должноста претседатели на општинските собранија во Тетово и Гостивар и на нивно место, да се именуваат по тројца повереници, и тоа, не-Албанци?

2239
?????????

По читањето на колумната која господинот Стојан Андов ја објави во неделникот „Фокус“ од 11 јануари 2019 година, почувствував потреба, од него како директен и, може да се рече, најважен учесник, да одговори на четири прашања и тоа:

Зошто во текот на разговорите и преговорите за конституирањето на државните органи по парламентарните избори од 1990 година никаде не се гледа и не се спомнува присуството на претставниците на Партијата за демократски просперитет (ПДП), односно претседателот на партијата Невзат Халили. ПДП, според бројот на добиените пратеници, се пласира на трето место во парламентот, по ВМРО ДПМНЕ и СДСМ (СКМ-ПДП ). Со цел, поколенијата што тоа време не го паметат и за тие што го заборавиле, би било интересно да ги знаат одговорите на овие прашања.

Зошто, ако функциите претседател на државата и владата им припаднаа на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, за претседател на Собранието не беше предложен и избран кандидат на ПДП, која на изборите доби 23 пратеници, односно 5 пратеници повеќе од неговата партија – Реформски сили (подоцна Либерална партија), кога беше познат и фактот дека и во претходниот мандат претседател на Собранието, сигурно не случајно, беше Албанец (Вулнет Старова).

Кои беа причините партиска влада, согласно изборните резултати, да се формира дури после 19 месеци од одржувањето на изборите (5 септември 1992 година)? И тоа, колку што ми е мене познато, под силен притисок на странскиот фактор.

Кои беа причините поради кои не беше дозволено да се конституираат општинските собранија во Тетово и Гостивар и легално избраните претседатели да ги преземат своите функции, туку Владата именува по тројца повереници на неопределено време да ја вршат таа должност?

Му ги поставив овие прашања на господинот Стојан Андов, затоа што и понатаму сум убеден дека неговите евентуални одговори би фрлиле малку повеќе светлина и можеби, барем делумно, би придонеле да се објаснат причините и за многу други состојби и проблеми со кои Македонија се соочи во текот на последната декада на 20. век.

Имам впечаток дека господинот Стојан Андов во последната објавена колумна во „Фокус“ од 08.02.2019 година, како да се обидува имплицитно и индиректно да одговори и на овие прашања, спомнувајќи ги контактите со тогашниот претседател на ПДП, Невзат Халили, околу договарањето за избор на претседател на државата. Освен тоа, потенцира дека, наводно, Невзат Халили бил комуникативен при договарањето за изборот на експертската влада.

За разлика од него, и јас мислам дека господинот Халили бил (според мене, претерано)  комуникативен, само што тој, за жал, не наишол на соодветна комуникативност кај господинот Андов, затоа што токму тој требало да не прифати да биде избран за претседател на Собранието и да дозволи да биде избран претставник на ПДП.

Господинот Андов како објективни причини, зошто не е формирана партиска влада, ги наведува состојбите што во тоа време владееле во Србија и улогата на Слободан Милошевиќ и неговата борба против радикалните српски партии.

Мандатот на експертската влада, како што напомнав погоре, не траеше само до шест месеци како што наведува тој, туку цели 19 месеци.

А, дали господине Андов, Милошевиќ беше виновен и за забраната да ја преземат должноста претседатели на општинските собранија во Тетово и Гостивар и на нивно место, да се именуваат по тројца повереници, и тоа, не-Албанци?

Пропадна, господине Андов, Вашиот обид, барем едниот од тројцата повереници, да биде Албанец, затоа што тоа, на дотичните лица, не им го дозволија членовите на нивните семејства.

На крајот, господине Андов, очигледно, не ќе да е за сево ова виновен само Слободан Милошевиќ.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...