Не, неможеме ние Македонците без кавги. Се караме за се и сешто. За име, презиме, за договор, за влез во НАТО, за отпочнување на преговори за ЕУ. За што ли уште не. Така е со години. Од мудри помудри на чело доаѓаат. По нивно да биде па макар и Македонија да гори!
Еден висок „челник“, на ВМРО-ДПМНЕ, до вчера, викаше дека договорот што го направи СДСМ со Грција, нечини. Дека е штетен, дека го брише името, идентитетот, јазикот. Тие можеле многу подобар договор да направат со Грците. Така велеше, а заборави да каже дека ВМРО-ДПМНЕ, за да направи договор, да го реши името и Македонија да ја внесе во НАТО и ЕУ имаше единаесет години. Заборави да каже и дека, не само што ги преспаа тие години, туку, само они знаат зошто, правеа се да го иритираа јужниот сосед. Истиот тој втор човек во Партијата, што до вчера и со дрва и со камења маваше, кој знае зошто, сега рече дека подобар договор од Преспанскиот неможело да се направи. „На кумот или на магарето да му веруваме!“, вели народот.
„Муабетите“ околу договорот полека стивнуваа. На ред дојде Референдумот! ВМРОВЦИТЕ станаа „патриоти“, а другите ги нарекоа „предавници“. Го бојкотираа! За нив ништо не значеше зборот на најмоќните од целиот свет дека местото на Македонија е во НАТО и ЕУ. Им се исполни „желбата“. Референдумот не успеа и покрај тоа што над шестотини илјади го дадоа својот глас и за договорот и за влез на Македонија во НАТО и ЕУ.На ред дојдоа усвојувањето на амандманите за измени на Уставот. ВМРО-ДПМНЕ ни дај ни придај. Амнестија побараа за нивните „чесни“ водачи.
Арно ама, седуммина нивни пратеници, кренаа рака и дадоа виза, не за СДСМ, туку за Македонија и македонскиот народ еднаш засекогаш да излезе од калта. Нив ги прифатија и неколкумина високи функционери. ВМРО-ДПМНЕ се најде во „ќор“ сокак. Ги исклучи „непослушните“ од Партијата. Но, превривањата не престанаа. Уште неколкумина си заминаа. Спасот го побараа во „фрлање“ вина повторно врз СДСМ и Владата. Денеска едно велат утре друго. Се прави се само да се најде „чаре“ да се спаси „вождот“ од затвор. А кај се чуло и видело „арамија“ и тоа голем , да биде ослободен!?. Кога за главниот не „добија “ челниците рекоа дека ќе го дадат својот глас за промени на Уставот само ако се донесе амнестија за сите оние кои на 27 април насилно влегоа во законодавниот дом да ја „рушат“ Државата,ако треба и да „убиваат“. И од тоа ништо не добија!
Обрачот околу оние кои украдоа милиони евра народни пари и оние кои насилно влегоа во Парламентот се повеќе се стега. ВМРО-ДПМНЕ е разнишан. Ќе ја напуштат ли и други? Ќе останат ли само Мицковцки, Николовски, Ѓорчев, Димовски!? Не сакаат ништо да прифатат! Не сакаат да признаат дека оние другите се победници и дека некогаш за да се надмине кризата треба и да се наведне главата. Не, тие сега „кројат“ нова кавга. Ќе најдат нешто и пак ќе „маваат“ по Владата и по Заев и по СДСМ. Инаку, нема да бидат Македонци ! Неможат да прифатат нешто што не е од нив. Тоа им е во крвта!? По нивно да биде и готово! Ако не, кавга. Македонија не е важна. Не можат да бидат мирни!.
Е, Македонче, Македонче! До кога инатот ќе те изеде? До кога само кавги еден со друг ќе „кроиш“? До кога еден со друг ќе се „јадете“? Ајде речете доста беа кавги! Еднаш и првпат нека биде она што го рече премиерот Заев: „Вие од левата подајте им ја раката на оние од десната страна, а вие од десната подајте им ја раката на оние од левата страна!“. Не барајте нови кавги. На Македонија и народецов наш не им се потребни вашите кавги. Потребен им е подобар живот. Потребна им е сигурна и отворена граница! Потребна им е светлина! Доста се гушеа во мракот! Бидете мажи! Не дозволувајте оние околу нас да ни се смеат и да ни се „ситат“!?