Пензионери кои „кришум“ произведуваат и продаваат градинарски култури на зелените пазари се „виновни “ за лошата состојба во државава. Да, тие се виновни. Со пензија, која е под социјална, со која не можат ни сметките за струја, вода да платат, и леб да си купат, се виновни што со своите над 65 години се занимаваат со земјоделие за да заработат пет пари повеќе за себе и да им помогнат на своите деца кои или останале без работа, со затворањето на фабриките, или пак што не можат да најдат било каква работа.Тие се виновни. Да, виновни се. Што четириесет години работеле за на крајот да добијат пензија која не им е доволна ниту за умирачка.
Криви се што цел живот морале да им помагаат на своите деца бидејќи државава не може да им обезбеди работа. Виновни се и навистина треба да им се забрани да работат. Да се забрани нивната работа. А, кога нив ќе ги нема некој ќе рече:
„Нека се живи накупците кои цените на градинарските култури ќе ги креваат до небо“.
Грстот пензионери, кои се борат денот со леб и сол да го поминат, се виновни?.
А, не се виновни илјадниците надворешни членови, простете , „бадијалџии“, на управните одбори.
Дали тие со земањето на триста , петсто па и повеќе евра, од повеќе управни одбори во кои членуваат, ја „градат“ државава што во текот на еден или два месеца по еден час одат на состанок и на кафе или државата ја „уриваат“ оние „грст“ земјоделци кои се борат за гол живот!. Ако не знаат од земја никој богат не бил!
Дали Владата знае колку членови има во управните одбори? Колкави пари секој месец им се даваат?
Дали врвот на Владата знае дека во општините едни исти се и во раководството и во управните одбори ? И тоа не во еден, туку во повеќе управни одбори. Баш им е гајле за оние со социјална пензија, за стечајците, за невработените. Нив им е гајле што ете оние „најокапаните“ пензионери или невработени, продавале градинарски производи на зелените пазари. Тие мора да платат данок на државата или да умрат. Зошто?.
Дали затоа што на пазарот за ефтини пари продаваат квалитетни градинарски култури, или, пак дека постои страв дека пензионерите, од грстот пиперки, домати, моркови, магдонос и друго ќе се збогатат.
Дали оние кои „командуваат“ , кои од повеќе места земаат плати, се плашат дека овие „бедни земјоделци“ ќе им бидат конкуренција. Дали се запрашале, ако не се пензионерите, кој ќе носи градинарски култури на пазарите?
Зарем не можат да сфатат, дека тие не умеат да бидат градинари. Дека тие не знаат да произведуваат, туку дека знааат само да земаат „немачени“ пари. Тоа е на видело. Освен оние парчиња земја што ги обработуваат социјалните пензионери, никоj друг ништо не работи. Земјата, која не хранеше, ни остана прелог.
Ако ги „избркаме“ пензионерите, за мотика, никогаш нема да се фатат членовите на управните одбори, а земјата ако не се работи, тие треба да знаат дека не раѓа!.
Оние што сакаат да ги избркаат пензионерите од зелените пазари дали знаат дека „зајакот“ не е во пензионерите, туку дека треба да го бараат на друго место!