„Ви викав дека со деца краставици не се садат. Ем криви ем горчливи ќе бидат. Не ме слушавте. А вие ем претседател на партијата го избравте ем премиер на Македонија. Арно ни направи. Е, Грујо, Грујо. Се крстевме во тебе. Ама ти не излага. Единаесет години „поголем“ од цар беше. Се беше твое. Ги украде нашите пари и побегна. Арам да ти се. Дом никогаш со нив да не задомиш“, на една плоштатка, со зарипнат глас вика еден осумдесетгодишен човек.
Околу него поголема група собрани луѓе. Тој во средина. Како на митинг. Исто како на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ на кои Мицковски, како „паун“ шета во средината. И зборува ли зборува. Едни со внимание го слушаа, други му даваа поддршка, а трети пак, разочарани од она што го слушаа само молчеа.
„Ни ја посрамоти партијата. Без срам и перде избега. Ја остави ВМРО-ДПМНЕ, Македонија, мајка му, жена му, децата и избега. Како бре жал не му беше за децата. Што човек беше“.
„Ајде „старо“ доста кукаш. Сега „по смрт болес не бидува“. Готово е. Никола си замина. А само тој ли избега?. А директорот на Царина, а министерот за здравство, оние од ДБК, па лекари и уште еден „грст“ арамии избегаа. Со големи милиони евра избегаа и никои не ги врати“, вели еден од присутните.
„Точно така е бе внучко. Но, овој ни беше прв човек. А личи ли првиот да биде арамија и да бега. Срам да му е. Сега се на виделина излезе. Избега за да не положи сметка за украдените милиони евра. Избега за да не оди во затвор. Срамота“.
„Ајде, ајде. Што си посеавме сега и тоа ќе си жнееме. Грујо, па Грујо. Сите бевме за него. А и поинаку не можевме и не смеевме да мислиме. Кодош до кодош Грујо нареди. За еден збор против него, одма Шутка. Не тапчеа ама ние освен што молчевме ништо друго не направивме. Прави Македонци. Кубурот за „зорлама“ го чувавме. Сега кога дојдоа другиве крекаме и правда бараме. Никој не ни е крив. Сами си кроиме, сами си сечеме. Големите и богатите од Европа и Америка ни подаваат рака, а ние не сакаме НАТО и ЕУ. Ние, еден грст народ, сме можеле сами. Ајде бре. Големи јунаци. А се сеќаваш и ти викаше името не го даваме. Ако го дадеме ќе останеме без Македонија, без идентитет, без јазик. А сега гледаш се тоа било лага. Ако влеземе во НАТО границите ќе ни се отворат и кон Пирин и кон Егеј и кон Преспа. Со нашите збор македонски ќе можеме да си кажеме. Ако не примат големите Грујо нека си оди. Со здравје нека му е. Тој никогаш Татковина нема да има. А Македонија заесекогаш ќе си остане Македонија. Не го жалете Груевски жалете ја Македонија“.
„Така е, виновни сме сите ние. А еве и сега „како слепци“ го слушаме Мицковски. Знаеме кој го намести и чии наредби спроведува, но, иако многу помалку, пак му одиме на митинзите. Што може Мицковски да направи кога зад Македонија застана Америка, Германија, Англија, Франција. Туку ајде „бајрам со паметот да не си правиме“. Да се надеваме дека еден ден и Македонија сонце ќе ја огрее. Доста расправии, карања. Дајте заеднички да ги запреме младиве да не ни бегаат, а апашите не ги жалете. Грујо најмалку. Тој си ја испеа песната. Нека му суди и народот и историјата. Ајде да си одиме. Сонцето зајде. Залади“.
Никој збор повеќе не кажа. Молчејќи си разотидоа.