Не го враќајте, ние ќе си одиме!

Помладите ионака си заминуваат за да не се вратат. А ние другите ќе си заминеме во нашите мали бегалски оази - на другиот телевизиски канал кога на првиот ни перат мозок, на балкон за да ја преточиме зелката, на улица да подишеме загаден воздух, кога и тој е поарен од овие отрови со кои ни ги трујат душите.

12278

Имам чувство дека луѓево од власта не го разбираат нашето разочарување од овие патрдии поврзани со бегството на поранешниот премиер и актуелен осуденик Никола Груевски. Дека не ги разбираат вистинските мотиви за нашиот гнев. Дека нė доживуваат како луѓе на кои им е најважно само тоа Груевски да одлежи две години на државен трошок во Шутка, по што ќе сметаме дека правдата е задоволена.

Затоа и нė тешат со приказната за божемната извесна екстрадиција. И глумат дека им се лутат и на Унгарија и на Европската Унија. Згора на тоа, се обидуваат да бидат и духовити, па прашуваат дали нашиот осуденик е киднапиран. И си веруваат дека сиот тој инфантилен пи-ар им врши некаква работа, дека ние сме импресионирани од нивните велеумни реакции.

Какво неразбирање на нештата! Со една куса реченица, некој на Фејсбук ја опиша есенцијата на таа трагична заблуда – не го враќајте, ние ќе си одиме!

Луѓе, аман, кажете им на дечките на Илинденска бб дека никој од нас веќе не пати по Никола Груевски. Никој од нас, метафорично кажано, не сака гробот да му го ископа. Освен можеби неговите некогашни најблиски соработници, кои со своето бегство тој самиот ги дозакопа.

Ние си плачеме над нашиот гроб. Во кој преку ноќ се погребани сите надежи дека Македонија може да стане држава во која еден ден ќе владеат правото и правдата. Оти ни е јасно дека без тоа, без демократски и ефикасни институции, не само што нема да има правда, тука ова воопшто нема да биде држава. Си плачеме, оти ни беше ветено нешто сосема друго – не Курто да го замени Мурто, тоа не! – а ние самите се вложивме да се остварат тие ветувања. И потфрливме.

Ете затоа, никој веќе не може да нė замајува. Сите знаеме дека без поддршка од македонските институции и без согласност на меѓународни центри на моќ (истите кои со години бдеат над Македонија и ни испраќаат пораки и за најбанални застранувања), балканската турнеја на Груевски ќе беше невозможна. Никој веќе не верува дека ова не е договорена, прецизно испланирана и успешно спроведена меѓународна корупциска зделка на деценијата.

И ако веќе е така, оти да се лажеме? Чуму овој театар? Зошто нови и нови манипулаци? Грујо на Сејшелите, ти реков, ми рече… Кого тоа вадиме од лајна? Што браниме?

Доста е, дами и господо другарки и другари. Како што рече оној умен на Фејсбук – не го враќајте, аман, ние ќе си одиме.

Помладите ионака си заминуваат за да не се вратат. А ние другите ќе си заминеме во нашите мали тукашни бегалски оази – на другиот телевизиски канал кога на првиот ни перат мозок, на балкон за да ја преточиме зелката, на улица да подишеме загаден воздух, кога и тој е поарен од овие отрови со кои ни ги трујат душите.

Сė, ама баш сė, само да не гледаме веќе како од нас прават будали!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...