Не будалите, папата ја кажа вистината за Македонија!

Ве молам да не се глупирате и да се обидете кажаното и напишаното да го разберете правилно, ослободени од товарот на фрустрациите на една млада нација, која сака да глуми држава од античка доба. Папата Франциск ја призна нашата долговековна традиција, култура и духовност, а тоа наследство е амалгамот од кој е создаден нашиот идентитет.

11427

Ги слушам и ги читам овде-онде, главно на Фејсбук, тезите дека и папата и официјалниот медиум на Ватикан („Ватикан њуз“), ја негирале Македонија и ги оспориле нејзиниот идентитет и самобитноста на македонскиот народ. Читам и се чудам колку незнаење има меѓу луѓето, не само за основните категории од историјата на државата и правото, туку и на англискиот јазик. Или е тоа – блажено незнаење – или е обично глупирање, како последица на децениската пропаганда, според која Македонија била држава уште од времето на амебите и од неа потекнува сè, па и христијанството.

Што вели, всушност, Ватикан?  

Според „Ватикан њуз“, папата Франциск рекол дека нашата земја и Бугарија се „тотално различни земји“. Бугарија, објаснил тој, е нација со вековна традиција, додека Македонија има вековна традиција, но е „млада земја“ и има „млад народ“.

Сето тоа е апсолутна вистина! Македонија е држава од 1945 година. Бугарија е држава уште од 7 век. Тоа е реалноста. И тоа не е никаков хендикеп за младата македонска нација. Се разбира, ако се знае дека нацијата, како феномен на модерното време, е поврзана со настанокот на државите. Е сега, ако тоа не се знае, тогаш ништо и не може да се разбере.

Ама дури и на тие што не разбираат, папата се обидува да им објасни: „Ова е млада земја од институционална гледна точка“. Што е поточно од ова?

Од истите причини, како држава, Ватикан луѓето од нашиот државен врв ги ословува со придавката „северномакедонски“ (со такт, ретко), бидејќи тоа е новото службено име на нашата држава. Име старо одвај четири месеци. Име со кое не може да се означи ништо пред тоа, освен ако тоа не е обврзувачки од аспект на наследувањето на официјалните својства и референции.  

И затоа, кога зборува за нашата земја, папата, на пример, во оригинал, на англиски јазик, според „Ватикан њуз“, вели: „…What he called North Macedonia’s traditional capacity to host different ethnic and religious affiliations…“ Извинете, ама морам да ви кажам дека фразата „North Macedonia’s“ не се преведува како „северномакедонски“, туку со зборовите „од Северна Македонија“. Генитив.

„Духовите“ се вознемириле и затоа што папата ги нарекол светите Браќа Кирил и Методиј „евангелизатори“ (evangelizers) на Бугарија. Во малку послободен превод, луѓе што ја христијанизирале Бугарија. Тоа сепак не значи дека Ватикан браќата ги смета за Бугари. „Тие биле од грчко потекло, но ја искористиле својата културна креативност за да ја пренесат христијанската порака до словенските народи“, пишува „Ватикан њуз“. Што е поточно од ова?

Затоа, драги мои, ве молам да не се глупирате и да се обидете кажаното и напишаното да го разберете правилно, ослободени од товарот на фрустрациите на една млада нација, која сака да глуми држава од античка доба.

Најважно е што папата Франциск ја призна нашата долговековна традиција, култура и духовност, а тоа наследство е амалгамот од кој е создаден нашиот идентитет. Фактот што процесот на создавањето на нашата држава траел подолго, се должи на познатите историски околности, но од аспект на самобитноста на македонскиот народ, тој факт е од второстепено значење.

Впрочем, тоа го вели и папата – Македонија и Бугарија се две сосема различни држави. Пречи ли тоа некому?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...