Несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки првпат во Македонија

484

Целосно реновираниот Оддел за трансплантација денеска е отворен на Универзитетската клиника за хематологија во Скопје и во него првпат во Македонија и пошироко ќе се извршува несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки, која е една од најсофистицираните тераписки процедури во современата медицина. Пациентите од сега веќе не мора да одат во странство за ваква трансплантација, а и државата ќе заштеди на лекување во странство.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска присуствуваше на свеченото отворање на Одделот на Клиниката за хематологија по што изјави дека од денеска пациентите ќе се лекуваат во реновирани соби и простории според најсовремени светски стандарди. Тој посочи дека станува збор за пациенти кои се лекуваат од малигни заболувања на крвта кои бараат трансплантација на коскената срцевина.

Поголем број пациенти, рече Филипче, лани за оваа патологија беа испратени во странство, а со ова реновирање овозможуваме услови и во нашата земја овие пациенти да се лекуваат со оваа метода.

– Трошокот во текот на 2017 година за околу 25 пациенти кои беа испратени во странство за оваа метода изнесуваше меѓу 150.000 и 200.000 евра по пациент. Планираме сериозни заштеди на буџетот, околу 75 отсто од парите кои сега ги плаќаме за лекување во странство, ќе ги вложиме во нашиот здравствен систем, во имплементирање нови лекови на позитивната листа и во зголемување на платите и сумите на дежурства за лекарите и медицинските сестри – истакна Филипче.

Директорката на Универзитетската клиника за хематологија, Ирина Пановска-Ставридис рече дека пациентите ќе бидат лекувани според најсовремени европски стандарди и услови за спроведување на трансплантација. Таа појасни дека тимот што ќе ја прави трансплантацијата е едуциран во Германија, Словенија и во САД, како и дека екипата на Хематологија е збогатена со четири млади лекари првенци на генерација, кои ќе бидат иднината на хематологијата во Македонија.

– Се надеваме дека ќе воспоставиме соработка и со болниците од Хрватска кои доколку има потреба ќе учествуваат во овие процедури. Од 10 до 20 пациенти годишно имаат потреба од несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки – нагласи Пановска-Ставридис.

Со овој свечен чин, деновиве завршува и четирисетгодишниот работен век на главната сестра на Клиниката на хематологија, која рече дека не можела да замисли поубаво испраќање во пензионерските денови.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...