Претставата „Несоодветно за на работа“ („Not Safe for Work“) на Драмски театар – Скопје, вечер премиерно ќе биде изведена во Центарот за култура во Охрид, во рамки на фестивалот „Охридско лето“.
Режисер на претставата е американскиот актер и професор Доналд Ворен Мофет, кој престојува во Скопје, а е напишана од британскиот драматург и драмски писател Луси Кирквуд.
Улогите ги толкуваат Ирена Ристиќ, Сања Арсовска, Игор Ангелов, Зоран Љутков, Дамјан Цветановски и Стефан Вуисиќ. Сценограф е Константин Трпеновски, а костимограф Александар Ношпал.
Директорот на Драмскиот театар, Викторија Рангелова Петровска на прес-конференција рече дека претставата е уште едно продолжение на веќе востановената програма доставена до Министерството за култура во однос на тоа дека Драмскиот театар се движи во насока на промоција на современа драматургија.
– Луси Кирквуд е претставник на младиот бран драматурзи и драмски писатели од Велика Британија и е поврзана со една битна струја, а тоа е феминистичкиот правец. Од тука произлегува дека оваа драма се занимава со таа проблематика и со проблематиката на демонстрација на моќ која е поврзана со проблемите околу родовите и со објективизација на женското тело. Тоа се две линии кои се доминантни во овој драмски текст. Во претставата ќе настапат и двајцата нововработени млади актери во Драмскиот театар, Дамјан Цветановски и Стефан Вујисиќ – истакна Рангелова Петровска.
Ворен Мофет рече дека во САД една претстава се подготвува три до четири недели, затоа што времето е пари, а тука претставата се подготвувала пет недели. Тој посочи дека сака повторно да дојде во државава и сака да сними серија и филм.
– Тука има одлични актери. На моите пријатели и соработници ќе им пренесам да дојдат во Скопје, затоа што ова поднебје е неоткриено, самиот град е уникатен, не е американизиран, како и останатите делови од Америка и тоа му дава посебен дух – додаде Мофет.
Актерот Љутков, кој во претставата ја толкува улогата на Ејдан, рече дека се презаситиле од македонскиот начин на режирање, нивната меѓународна соработка е послаба последниве неколку години и ретко можат да споделуваат други искуства. Годинава, како што потенцира, тоа не е случај ,бидејќи имаат двајца режисери од странство.
– Многу ми се допадна начинот на кој функционира режисерот, за брзината на работата, начинот на мислење и функционирањето на театарот. После многу долго време на десет дена пред премиерата се чувствував како да можам веднаш да се појавам на сцена и не се залудни овие неколку генерални проби – додаде Љутков.
Актерката Сања Арсовска, која ја игра улогата на Шарлот, истакна дека претставата на еден софицистициран досетлив начин не потсетува на тоа дека капитализмот во кој живееме и светот во оваа состојба во која се наоѓа, ни ги уништува сите идеали.
Претставата „Несоодветно за на работа“ на крајот на септември премиерно ќе биде изведена во Скопје.