Несолената шега на Заев!

Ова урнисување на политичкиот наратив во земјата (бидејќи, за да биде приказната комплетна, и од секторот образование, од почетокот, оваа власт како да ги има кренато рацете) покажува дека Заев се обложува на тоа дека наредните избори може да ги добие со таков успех во економијата, што сите ќе останат без зборови и ќе гласаат за СДСМ оти во џебовите, полни со пари, нема да можат ни палома каде да стават и носевите ќе мора да ги дуваат со илјадарки...

11265

Кога еден премиер ќе го смени својот министер за финансии и – задржувајќи го како советник околу себе – ќе ги преземе и неговите дотогашни надлежности во Министерството за финансии, тоа во секоја влада значи една работа: дека на премиерот му треба побрз и „поразновиден“ проток на парите одошто тоа го обезбедувал министерот. Брзината значи решителност, значи потреба од поитни резултати, но може да подразбере и невнимателност, помала контрола врз протокот на тие пари и простор за нивна злоупотреба.

Многу скоро ќе видиме која од овие причини превладала во решението на Заев да го смени Тевдовски и да го преземе и неговото портфолио – дали во трошењето на парите му е важна брзината или намалената контрола? Може да е и комбинација, што е познато под квалификацијата „Премиерски брзи прсти“. Знаеме што ѝ зборуваше Ставревски на Јанкуловска на телефон за меракот да се располага со државното „чоколадно“ чекмеже.

Сепак, не е белки НЕКОЈ да мисли дека во 2019 година, после целата криминална галантност со државните пари којашто ја преживеавме со режимот на Груевски, дека сега ќе може да се „протне“ со каква било несериозност, да не спомнам и нешто поопасно, околу ресорот финансии?! Бидејќи, со ова невообичаено, иако не и нечуено решение, Заев сосема ги трга политичките „амортизери“ околу „дупките на патот“ и иднината на јавните финансии во државава. Од сега натаму: пипка-трепка, директно за него!

Другите промени во Владата се, главно, на работ од тоа да се… па, да, скандалозни. Да ја уништиш, со еден потег, целата идеја за „Едно општество за сите“ со тоа што ќе го именуваш г. Садула Дураки, „инженер по машинерија“, за министер за политички систем, тоа е како да ставиш ревматолог да го води ресорот за култура! … Уууупс!

Ова урнисување на политичкиот наратив во земјата (бидејќи, за да биде приказната комплетна, и од секторот образование, од почетокот, оваа власт како да ги има кренато рацете) покажува дека Заев се обложува на тоа дека наредните избори може да ги добие со таков успех во економијата, што сите ќе останат без зборови и ќе гласаат за СДСМ оти во џебовите, полни со пари, нема да можат ни палома каде да стават и носевите ќе мора да ги дуваат со илјадарки… Оптимистички е тој влог и до сега никогаш не дал резултати на кои било изминати избори. На Заев прв ќе му се посреќи?

Се разбира дека власта сега „на врат“ ќе си ги обеси сите добронамерни, демократски настроени граѓани кои ќе бидат дополнително збунети од потценувањето на нивната интелигенција со овој вид на кадровски промашувања. Следува продолжување на „битката за датумот“, ќе продолжи валканата герилска војна за СЈО, закажаниот попис покажува убав потенцијал за длабок политички и меѓуетнички конфликт, па редицата соседски предизвици и помалите и поголемите афери и скандали што ќе ги „светне“ опозицијата и социјалните мрежи во месеците што доаѓаат…

Во ваков контекст, каква е оваа владина реконструкција? Делува како несолена шега.

Ако имаат малку интегритет и политички усул, добар дел од пратениците од владејачката коалиција би требало да НЕ ја изгласаат оваа предложена владина кадровска реформа и да го вратат Заев на поправен. Тоа може да биде спасоносен чекор за оваа премиерска непромисленост која ги има во себе сите знаци на рецепт за одложена политичка катастрофа.

Тоа, се разбира, нема да се случи. Наздравје.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...