Некои македонски високи државни и политички функционери, не само вчера, во животот не го изговориле зборот култура. Не знам зошто, најмалку заради тоа што некој ќе ги нарече некултурни – разбрано во најшироката смисла на дефиницијата за културата односно дека треба да кажете добро утро или добар ден, дека треба да отстапите место на постар од вас, дека се мијат рацете пред јадење (т.н. здравствена култура), дека се исклучува мобилниот телефон во кино или во театар итн. Да, и тоа спаѓа во најширокиот опфат на културата, како и чистотата на јавните тоалети, на пример, која што ама баш никако не можеме да ја разбереме. Но, тоа е преширока тема. Ама поставеноста на културата во државниот / административниот систем не е! А и со неа се судруваме речиси секој ден. Како што не е ни начинот на претставувањето на државата преку културата во странство, како што не е ни функционирањето на домашните културни институции, како што не е ниту изборот која книга ќе биде печатена со државна помош или кој филм ќе биде снимен. Бидејќи секој отпечатен или снимен кич, а кај нас ги имаме дури премногу (илити „врло веома“, во духот на една наша тукушто амнестирана „културна“ пуфла), значи дека му земал место на некое потенцијално добро дело – книга, филм, претстава, изложба! А тоа е – важно, барем за вакви „мали“ култури, каде што секое потенцијално добро дело, во која и да е област, е драгоцено. Ако пак тоа го разбрал уште Делчев, пред цел век и нешто повеќе … Да, знам, звучи патетично, ама мислам дека попатетични сме ние, денес, со нашето апсолутно неразбирање каква сила е културата, во локални, регионални и глобални рамки!
Е ако за тоа системот / државата нема разбирање – а нема, очигледно – тогаш нема ни култура. Или, преведено, нема ни темел на општеството. Односно, има, темелот е божем тука, ама е целосно руиниран, нефункционален, лошо поставен (со дефинитивно утната мешавина на стручност, компетентност и професионалност) … а тогаш истиот тендира да ја урне и целата градба што почива врз него. Или – не ни е гајле за тоа? Битно е да функционира економијата? Можеби така треба во современите општества, ама функционирала „економијата“, се разбира на некое ниско ниво, на пример на проста размена, и во првобитните општества, ама и тие (пра)луѓе имале потреба од т.н. надградба – онаа во пештерите Алтамира и Ласко, на пример. Или нам тоа не ни треба? Како кому, се разбира, но таа индолентност и игноранција ја убива оваа држава. А тие се највидливи токму на проблемите во културата кои се „решаваат“ – ако се решаваат – на рамништето на некои анахрони системи и тотални идиоти на клучни места! На пример како она шизоидно „Скопје 2014“ кое испадна најважен државен културен „проект“, а ни го смести токму државниот орган надлежен за работите во културата! А тој „орган“ беше следен од цел еден узурпиран од малоумници „систем“ кој не’ почести со сите негови „енциклопедиски“ кич изуми!
Оттука, првата причина за нашиве состојби во културата е континуираното неразбирање на нејзиното значење, па следствено и несоодветното разрешување на напластените проблеми со кои што таа со децении се соочува, на државно рамниште, се разбира, а потоа и надолу. Таканаречен landslide. Зашто и таа, културата, има свои закономерности што мора да се почитуваат, има и „лоши“ страни што мора да се одбегнуваат, има тенденции што мора да се канализираат, текови што мора да се следат. Инаку, настанува хаос, а таа состојба ја следи оваа „држава“ веќе одамна. Токму неразбирањето на функционирањето на културата односно нејзиното место во системот – зашто, впрочем, за тоа станува збор, а не за инспирацијата на едикојси, ја имал или ја немал – при што секој потрес дури и од најмал интензитет ги пореметува сложените односи градени со децении. А ние тоа го правиме во континуитет! Нема голема разлика помеѓу културата, образованието, науката … зашто ако во образованието имате лоши учители, такви ќе ви бидат и учениците, ако имате полуписмени научници ќе ви се смее научниот свет, итн. И сето тоа е пропорционално поврзано и со културата, каде имате – и тука нема „ако“ – тотално нестручен и некомпетентен „кадар“ и затоа имате и таква „култура“ каква што имате! Односно – ја немате. Или, подобро речено (а бидејќи од самиот старт почнав со цитати), како што тврди Ордановски, „дека Македонија не е држава, туку дека се работи за одредена состојба на умот“, така, преведено, ние само си играме култура односно таа, културата, е само некаква магличеста состојба на умот во главите на малкумина кои воопшто и размислуваат за неа, а за мнозинството таа е само уште еден извор, или уште една „државна цицка“ (повторно Ордановски) радодајка која умее да биде издашна на подолг временски период. Само ако ја погодите партијата-фаворит, иако некогаш и тоа не е пресуден услов. Некогаш е сосема доволно да најдете „влез“ кај премиерот, особено оној претходнион, пештанскиот, кој уживаше да се слика со македонски (малограѓански) „ѕвезди“, па и да шета по „сетови“ со нив, или да им дели награди – всушност ситни пари, колку за кафе – на меѓународни ѕвезди кои (дали заради ситнежот?) потоа истите ама баш никако не ги вклучуваа во нивните биографии, па да седи со „биографи“ и „академици-библиотекари“ и да им дава списоци на „дела“ што треба апсолутно да бидат преведени во оваа „состојба на умот“, итн. Впрочем, тој (пештански, или пештерски?) премиер за кратко време научи се’, од историја до музеологија, од уметност до архитектура, се’ во духот на македонските „состојби на (пореметениот, м.з.) ум“.
Но, неразбирањето не е привилегија само на едни. Состојбите на умот кај нас се прилично трајни, особено кога имаат негативна конотација. Ама, ако ние и денес, после се’, како држава / систем не умееме да процениме – иако некој стручен веќе проценил – какви се’ штети трпи македонската културата заради пролонгирањето и, што е пострашно, повторувањето на историскиот културоцид на претходната власт, тогаш ние и не заслужуваме подобра „култура“. Ние и понатаму имаме „култура“ која состојбите божем ги разрешува единствено и исклучиво низ призмата на буџетската контрола, делбата на тој таканаречен културен колач на две-три илјади корисници избрани по селективен принцип. И тука почнува и завршува улогата на државата во културата, односно улогата на културата во системот: во дај-дам размената на капиталот! Културата не е трговија, таа не е пазар, уште помалку е бит-пазар (со должно извинување на трговците на вистинскиот Бит-пазар кои чесно си го заработуваат денарот!). Музеите не се партиска сопственост или маркети за „позајмица“ на артефакти, театрите не се социјала, библиотеките не се мемливи складови на ненаучени нешта, филмот не може да биде партиска прчија за разгалени приглупи дечишта / девојчишта, галериите никако не можат да бидат простори за лични идиотски изживувања – за тоа културните земји измислиле други простори, со друго име. Културните институции се „организми“ со сложени структури, со иманентни / неопходни знаења и познавања, со наследство не за денес туку за утре – за идните генерации, со стручни механизми кои или ги знаете или правите глупости, како ние. И тука нема трето, нема тука „сопствен пат“, односно тој најчесто води во ендек. А тоа веќе го видовме, нели. Ни треба ли навистина уште една реприза?
П.С.
Апропо амнестијата и спомнатата „културна“ пуфла: ќе смеам ли дотичната и понатаму така да ја нарекувам или амнестијата подразбира и казнивост за вербални „деликти“ контра нивните заслужни „лик и дело“. Оваа не дека е некој лик, ама – делооооо!