Национализмите не се доби советници. Тоа го потврди и премиерот на Грција Алексис Ципрас денес во Скопје велејќи дека сме изгубиле триесет години, па сега, трчајќи треба да го надоместиме загубеното време.
Почетоците беа ужасно тешки. Појавата на независна македонска држава на границите на Грција беше дочекана на нож. Стравот дека и Грција, верен пријател на Србија, може да биде вовлечена во вителот на етничките војни во Југославија беше сосема реален. Некогаш и горчливата смеа беше лек за нашата немоќ. На седница на експертската влада министерот за внатрешни работи Јордан Мијалков информира дека грчки авиони го повредуваат македонскиот воздушен простор. Свесен за нашата ситуација, премиерот Никола Кљусев, во шега па му дава инструкции да ја испита работата, на што добива промптен сериозен одговор дека работата ќе биде испитана. На прашањето со какво оружје располагаме, министерот за одбрана вели – со пушки од општонародна одбрана кои се во складиште. Некој праша „а каде е клучот од складиштето“, но одговор немаше.
Се што имавме како „оружје“ беше дипломатијата, значи, нашиот збор. Со Америка и со ЕЗ, зборот добро ни одеше. Но, обидите да се решат проблемите со Грција дипломатски, не успеваа затоа што ниту еден грчки политичар не сакаше да ризикува да биде виден во својата јавност со претставници на соседната држава и нација која не ја признаваа. На Лодонската конференција за Југославија, со претседателот Глигоров, буквално му го затвораме излезот од вратата на грчкиот министер за надворешни работи Папаконстантину и пријателски му ја виткаме раката во обид да изнудиме средба. Подоцна, сега на пониско ниво, вели тој, со рапав глас на страсен пушач, и исчезнува во гужвата.
Триесет години подоцна, една нова генерација политичари, во едни нови геополитички околности, жали за загубеното време, седнува на маса, преговара и го решава проблемот. Иако противењето на домашните националисти ќе продолжи уште некое време, барем додека новата политика не покаже резултати кои ќе ја отапат острицата на националистичката реторика, заврши ерата на конфронтација со соседот. Следува периодот на стратешко партнерство. Се зборува дека грчки авиони сега ќе го бранат небото над Северна Македонија, во рамките на заедничката одбранбена програма на НАТО. Ќе го бранат и ќе го контролираат. Тоа е цената на безбедноста. Како и цената на влезот на странскиот капитал: единствено нешто што е полошо од тоа да те експлоатира странски капитал е да не те експлоатира.
Да, комплицирани се новите реалности со кои се соочува младата држава Северна Македонија, како дел од опасниот домен во кој се одлучува за војна и мир меѓу народите: меѓународната политика. Комплицирани се и не се решаваат со ветви националистички приказни. И балканските историски ривалитети не се мртви, но, за среќа, правилата на игра денес ги диктираат Брисел и Вашингтон.
Тие два центри на моќ одлучија дека на македонската држава и на македонската нација треба да им се даде шанса, како нивни идни партнери во НАТО и во ЕУ, да станат дел од модерниот свет. Зошто одлучија така? Затоа што тоа е најисплатливата варијанта за сите. Оние кои ова не го препознаваат, не знаат дека изборот во меѓународната политика не е меѓу добро и лошо, туку помеѓу лошо и полошо.Е, тоа помалку лошо е најдобро.