Зошто утринава напишав едно триредно постче, малку брутално за мојот вкус, дека ,,скопската лембетаана, не заслужува повеќе”, со додавка ,, очекуваат друг да им ги смени и посраните гаќи”.
Читам други постови – Скопје бил гасна комора. Аушвиц или Треблинка.
Низ прозорецот на мојава соба погледот може да опфати пет станбени згради и дворниот простор пред нив. Чиниш тајфун поминал. Колаж од сивило и мртвило. Речиси месечев пејзаж.
Јапонците, на педа земја, создаваат рајски градини.
Во луѓето од земјата на изгрејсонцето гори исконска желба, за себе и за семејството, во таа минијатура од простор, да сздаваат волшебни цветени светови. Жива игра од вода, земја, камен и бои.
Ние, жителите на овој град на Вардар, сакале да признаеме, или не, всушност сме убијците на животот во него.
Процентите не ќе се прецизен податок за тоа колку, кој и од каде пристигнал во метрополата. Ама, не ќе е грешка ако се рече дека и ќоро и сакато, се прибравме во неа. Па оваа одвратно грда слика што сега ја гледаме и од која со гадење вртиме глава, да простите, е наша, креација. Наш продукт, со срамно висок процент на примитивизам.
Идиличните визури на некогашниот град под Водно, распослан на двата брега од Вардар кого го опевале како место на природен раскош многу патеписци, со нашето рурално поведение, душмански го масакриравме, го деградиравме до непрепознавање.
Каде да го бараме виновникот и во кого да го насочиме прстот за осуда, освен, да го впериме кон нашата задремана и залелеана совест. И навистина, кој треба да ги симнува валканите петна од нашиот образ.
Овде, одамна не помагаат козметички препарати. Премногу го нагрубивме лицето на градот, во кого ја внесовме половина Македонија со сиот багаж на колективниот примитивизам и индивидуалната раскалашеност.
Бараме вина, инсистираме на одговорност, и секогаш погледот го испраќаме подалеку од нас. Во погрешна насока. Кај другиот. А, всушност сите сме се престориле во едно големо национално зло, кое непрекинато се врти во круг и покрај тоа што чувствува дека во него животот секојдневно и речиси незапирливо ја губи димензијата на цивилизациска нормалност.
Ајде да си плукнеме во дланките. Секој да насади, барем по едено коренче цвет. Едно стебло. Да не бидат автомобилите и во иднина нашите единствени саксии и жардињери, во кои со нездрава грижливост ги негуваме отровите со кои жестоко го казнуваме своето потомство, и себе си.