Непремостлив јаз меѓу Македонците?

4555

Деновиве, пријател со своите критички забелешки за она што сум го напишал, ми го упропасти утрото, ако не и денот. Ме обвини за ширење на лажен ентузијазам околу судбината на државата со текстот „Слободно речи Македонија“. Заклучокот од неговата аргументација е дека, по прогласувањето на новата северно-македонска нација (!?) тој се прашува дали Македонците ќе успеат да го надминат внатрешниот етнички конфликт. За жал, неговото мислење е дека нема. Вели дека е создаден непремостлив јаз во македонското ткиво и тоа, отсега натаму само ќе одумира. Се надева само дека нема да ја доживее неговата дефинитивна смрт. Значи, дека тој ќе умре пред да умре нацијата.

Загрижено се прашав зошто не можам да ја видам оваа смртна опасност по нашата нација која доаѓа од Преспанскиот договор? Па, нашата нација, македонска и нашиот јазик македонски, според словото на Преспанскиот договор, ќе бидат промовирана во друштвото на двата сојуза на Западниот свет: НАТО и ЕУ. Таквата меѓународна афирмација е веројатно најзначајната во историјата на нашиот народ од Втората светска војна наваму. Околностите во кои е создавана нашата нација и нашиот јазик, од годините кога генерацијата наши татковци и дедовци собирала зборови по селата за да го кодифицираат македонскиот литературен јазик во 1944, до неговото меѓународно признавање во шеесеттите, кога е запишан на листата на европските јазици, никогаш не биле лесни, но биле херојски и доблесни. Но, зарем ова денес се најтешките околности за нацијата? И каде е ентузијазмот со кој е создадена оваа нација и јазик? Во која фотеља заспал?

Преспанскиот договор, со кој се крева грчката блокада на афирмацијата на македонскиот јазик и нација, е дострел кој го разбираат само оние кои ја знаат поранешната политика на Грција, раководена од начелото „what they do you undo“, „она што (Македонците) ќе го направат, растурете го“. Особено на дипломатско или на културно поле, каде што се водеше војна против нас. Сега, тој тежок период го надминавме. Ништо веќе не ни стои на патот да го освоиме светот ако сакаме. Со своите културни, уметнички или научни дела, се разбира. Но, светот не ни е крив што не можеме да си ја спастриме сопствената куќа: што сме неединствени, што имаме слаба демократија, економија, судство, образование, здравство, политичка мисла и сето останато. Ниту, пак, има лек од надвор, затоа што никој не може да нѐ спаси од нас самите. Но, сега, како дел од западните сојузи, ја имаме шансата сето тоа да го исправиме. Без тие сојузи, шанса – немаме. Кога би можеле обединети да се соочиме со овие европски предизвици, работите би оделе многу побрзо, но, за жал, ние сме длабоко поделено општество. Толку поделени што сега власта и опозицијата си го прават дома она што ни го правеа Грците на меѓународен план: што едниот ќе го направи, другиот да го растури. Пријателот правник е загрижен дали нашата македонска (северно-македонска) нација, ќе го надмине внатрешниот етнички конфликт. Што е изворот на тој конфликт, околу што се расправаат Македонците? И кој е непремостливиот јаз кој може да доведе до смрт на нацијата? Преспанскиот договор со кој ни се отвора патот кон членство во НАТО и во ЕУ? Не. Одговорот е многу поедноставен и е запишан во сите историски читанки: борбата за власт. Преспанскиот договор е само последниот добар изговор да продолжи и да се интензивира партиската војна која трае од 1991 година и која го кочи напредокот на државата. Војната е човековата природна состојба, за сѐ друго треба цивилизација која бара напор да се менуваме. Ние немаме демократски систем, ниту сакаме да го изградиме, затоа што, да повторам една изветвена фраза, за танго се потребни двајца. Не сакаме да изградиме систем кој ќе овозможи безболна промена на политиките со промената на власта и контрола над секој облик на владеење со други. Наликуваме на некаква држава од средниот век во која по смртта на владетелот, настанувал хаос и пресметка на разни политички фракции во борба за гола власт. Тоа е модерно продолжение на онаа борба во која, во минатите времиња, татко убивал син, а брат брата не жалел. Денешните Македонци, неспособни за демократско поведение, за договори и компромиси, крвнички се расправаат околу тоа кој ќе владее и тоа е тој „непремостлив јаз“ кој може да ја уништи државата и нацијата. Политичари настрвени и назабени за власт.

Тоа е тој „непремостливиот јаз“ а не Договорот од Преспа. Приговорот е дека такви одлуки се носат со консензус, вели опозицијата, претседателот на државата и нивниот претседателски кандидат. Има ли некој кој не знае дека таквите одлуки се носат со консензус? Да, таквите големи одлуки се носат со консензус. Ама, се носат! Не се зборува само дека се носат со консензус, како што правеа нашите политичари цели триесет години. Зашто, кога на државата ќе ѝ истече времето како последица на променетите меѓународни околности, тогаш одлуките како Преспа, од кои зависи регионалниот мир и интересите на големите сили, едноставно – се носат. Консензус или неконсензус и по секоја цена –  со купени или продадени пратеници и сѐ друго што можете да замислите што се отклонува од идеалот на правото и на правдата. На сцена настапуваат силата и интересите. И ние уште ништо не сме виделе од тој застрашувачки арсенал во нашата земја. Не ви се допаѓа светот? Ни мене. Но, таков е светот во кој живееме и секој кој се осмелува да води држава треба да го знае тоа.

Значи, основниот проблем е што нашите партии не умеат да произведат решенија преку консензус. Така беше на почетокот од независноста, при приемот во ОН, така е и сега, при приемот во НАТО и во ЕУ. Е, вакво неодговорно поведение во политиката, кое гледа сѐ низ призмата на борба за власт, може да убие цела нација. Во демократска држава, каде што има дијалог, консензус, таквиот фатален исход е невозможен. Тука се крие вистинската опасност по државата и народот, не во овој или оној член од Преспанскиот договор. Но, погледнете еден екстремен случај, за да стане појасно. Случајот со Сирија. Таму, борбата за власт ја отепа и државата и нацијата. Мислите, Македонија е нешто друго. Размислете уште еднаш… Принципот е ист, само последиците се поинакви. Со оваа наша политичка култура, да не сме во Европа, туку некаде на Блискиот Исток, лесно можам да ја замислам Македонија како Сирија.

А, замислете сега една манифестација на единство која би ја восхитила Европа: еден милион Македонци во поддршка на еден заеднички претседателски кандидат, обединети, храбро прифаќајќи ги новите реалности од Преспанскиот договор, решени од земјата да направат просперитетна, слободна и правна држава, на кои им се придружуваат Албанците и другите етнички заедници. За ова, партиите одбиваат и да размислат: ќе се колат и натаму. За Преспа? Лага. Преспа е само изговор за една немилосрдна битка за власт и за одличја.

Извор: Инбокс 7

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...