Неосновани се обидите да се поврзе Иванов со 27 април, тврдат од неговиот кабинет

Сите досегашни обиди на каков било начин да се поврзе институцијата Претседател на Република Македонија, како и претседателот Иванов со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година се неточни и неосновани и сметаме дека имаат единствена цел, да создадат искривена перцепција во јавноста, која не кореспондира со фактите и вистината, велат од кабинетот.

1353
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Од кабинетот на Ѓорге Иванов не коментираат лаги и дезинформации, велат од претседателската вила на Водно откако вчера претседателот беше споменат во сведочење на судскиот процес за настаните од 27 април лани во Собранието.

Дека демонстрантите коментирале оти на „крвавиот четврток“ ќе се прогласи вонредна состојба и ќе има апсења во исказите споменуваа неколку од вкупно 36-те досегашни сведоци, но вчера за првпат, еден од нив, го посочи лично претседателот раскажувајќи дека присуствувал на разговор помеѓу заменикот министер за внатрешни работи во техничката влада Оливер Андонов и сега обвинетиот пратеник Љубен Арнаудов во кој било кажано дека решението е во отворање на вратите во Собранието, влегување внатре и прогласување на вонредна состојба од страна на Иванов.

– Кабинетот на Претседателот на Република Македонија не коментира лаги и дезинформации. Сите досегашни обиди на каков било начин да се поврзе институцијата Претседател на Република Македонија, како и претседателот Иванов со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година се неточни и неосновани и сметаме дека имаат единствена цел, да создадат искривена перцепција во јавноста, која не кореспондира со фактите и вистината. Укажуваме дека согласно законските прописи во Република Македонија, давањето лажен исказ пред суд е кривично дело – одговорија за Плусинфо од Кабинетот на Иванов.

Свеочењето во кое се споменува сценарио кое завршува со вонредна состојба и апсење, вчера го даде Никола Војминовски, осуден на 13 години и 6 месеци затвор за обид за убиство на лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села токму за време на минатогодишниот упад во законодавниот дом.

– Имаше средби. Едната се случи пред Собранието. Господинот Арнаудов беше потпрен на оградата во тој момент со мене беше и Оливер Андонов и некои други лица. Имаше разговор помеѓу Оливер и Арнаудов дека единствено решение на тие случувања е токму тоа што се случи на 27 април, а тоа е дека ќе ги отворат вратите на Собранието и толпата да влезе внатре. И тоа и се случи. Исто така и дека претседателот на Република Македонија ќе прогласи воена состојба и ќе бидат уапсени одредени лица – рече сведокот одговарајќи на прашање на обвинителката Вилма Рускоска дали пред 27 април имал контакти со пратеникот Љубен Арнаудов.

Војминовски спомена и дека во Собранието критичниот ден препознал лица од обезбедувањето на екс премиерот Никола Груевски, а со нив биле и лица со фантомки кои го трасирале патот. Од друга страна, пак, одбраната се обиде да го дискредитира неговото сведочење бидејќи вчерашниот исказ во судот се разликувал од оној пред обвинителството во текот на истрагата. Исто така, тие со нивните прашањата посочуваа и оти имало прекршување на Законот за кривична постапка (ЗКП) односно дека Војминовски тогаш бил во притвор како обвинет за обидот за убиство на Села, а исказот го давал без дозвола на судечки судија.

ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Сепак, споменувањето на одредени лица во неговиот исказ, повторно го наметна и прашањето до каде е расветлувањето на целосните случувања околу „крвавиот четврток“ односно дали имало нарачатели и однапред планирано сценарио.

Кога републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески ја презентираше истрага и беше поднесено обвинението за настаните од 27 април, тој најави и продолжување на истрагата бидејќи во дотогашната утврдиле дека, како што рече, „во организацијата на настаните биле вклучени и одреден број засега непознати лица“.

Меѓутоа, од обвинителството сѐ уште не соопштуваат официјални информации.

– Со цел целосно расветлување на настаните од 27.04.2017 година во Собранието на Република Македонија, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција продолжува со спроведување на предистражни дејствија и во моментов согласно закон не сме во можност да споделиме повеќе детали – велат од обвинителството.

ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...