ВМРО-ДПМНЕ не смее да биде уценето. Се согласувам, Никола. Ниту една политичка партија не смее да биде уценувана од друга, а посебно кога задоволувањето на правдата е во прашање. Тоа ќе ни укаже на постоење на власт од едно време кое сакаме да го заборавиме. Но, кога ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија се препознава по твоето „работење“, нема да има кого да уценуваат другите, затоа што, тоа ВМРО-ДПМНЕ на кое ти се повикуваш мора да биде збришано од политичката мапа на Македонија. Ако твоето ВМРО-ДПМНЕ го нема, над Македонија ново сонце се раѓа и нема кој да биде уценуван…
Кога ти си на колена, твоето ВМРО-ДПМНЕ е пред значајни промени и реформи, реформи кои, нема да копираат ништо од начинот на кој ти го раководеше истото. Кога ти си на колена, Никола, на колена е само „твоето“ ВМРО-ДПМНЕ, а Македонија е силна и исправена…
Бидејки твоето ВМРО-ДПМНЕ е „последниот меч” со кој се „распаруваа“ вреќите македонски пари, се бутаа во сопствени џебови, се „сечеа“ човечки судбини, се нарачуваа шамари и динамити, се притвораа невини, се затвараа неистомисленици, се прислушкуваа и се местеа врвни и први соработници за, ти, Никола, да бидеш сигурен и безбеден, да не одговараш пред судот на правдата, да се извлечеш како многу поситуиран и побогат бизнисмен од твојот претходник, од твојата пљачка и забеганост, а за никаква одбрана на државните и националните интереси на Македонија…
Иако верувам дека и без ова твое предупредување, ова ВМРО-ДПМНЕ нема да го следи твојот “патриотски“ манифест, сепак, сакам да испратам еден проглас до здраворазумните во сегашното ВМРО-ДПМНЕ, а во врска со прогонот на правдата против тебе објавена деновиве од апелациониот суд во Скопје, поврзана со набавката на безбедносно заштитено возило пред 6 години, во кое, знаеш: „нека има телевизорчиња позади, кога ги возам маливе да имаат забава. Нека биде фул…“ За која држава и за какви интереси размислуваше тогаш при таа набавка, а Никола? Неисе…
Доколку од Вас, почитувани нови и стари членови на ВМРО-ДПМНЕ, било кој и на било каков начин, бара да направите и најмала отстапка која би била на штета на државните и националните интереси, ставајќи го тоа во корелација со каобожемското запирање или ублажување на „политичкиот“ прогон против Никола Груевски, како долгогодишен водач на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација – Демократска Партија за Македонско Национално Единство и како нејзин потврден диктатор, кој, прво, своите најблиски соработници ги ставил на „ушно“, за да ги следи во секој чекор, не за да ги заштити, туку за да ги намести, како што впрочем сега на тие луѓе им се случува, апаш за тесно семејни интереси, и актуелен пратеник, ве молам, без размислување, без ни малку колебање, одлучно да го пријавите и јавно објавите таквиот непристоен предлог. Тоа мора да доаѓа од слични на него, а такви, ниту сакаме да помислиме дека има после него. И во вашите редови, и во оние на власта…
Каков бранител на македонизмот, суверенитетот, на интересите на македонскиот народ и сите граѓани кои живеат во државата, може да биде тој, кој, ги жртвуваше најблиските соработници, за сопствен интерес, ја прихрануваше расата со суви сендвичи и појадок на Камени, ги раздели Македонците како никој досега, на патриоти и предавници, додека ги полнеше бисаѓите во караваните со добро ухранети коњи и камили за кои и најблиските му соработници не знаеле, и го изнесуваше македонското богатство надвор?
Над тебе се натежнати тешки облаци и предизвици, друже Никола. Над Македонија се раѓаат нови и вистински патриоти, кои, и со ВМРО и без ВМРО ќе се грижат за иднината на Македонија, на Македонците, и на сите кои живеат во оваа држава, а кога веќе самиот се прогласуваш за заштитник на македонизмот, тоа што вистинскиот патриот ќе го направи е да ги заштити блиските соработници и колку толку да им ги ублажи казните, јавно признавајќи, дека, сите, без исклучок, ги извршувале твоите наредби, дека се’ за што се теретат е твое дело. Дури и да не било така, прав патриот во ваква ситуација прво ова би го сторил, а не да праќа плачливи манифести до каобожемски неговите членови, од каобожемски патриот…
Немој Никола, немој среќо, немој данас, немој на нас…
П.С. Секое превземање на овој статус мора да ја добие мојата согласност… Иначе, стегнувам тужба без око да ми трепне… Тенкју… 🙂