Немојте да пиете апчиња за смирување, прошетајте во природа, порачуваат мештаните од валандовското село Прстен, кои ги сретнавме додека планинаревме на десетина километри од Валандово, во пазувите на планината Беласица и уживавме во недопрената природа.
Прстен во минатото било село со жители Македонци, а сега во него живеат Турци. Откако голем дел од жителите се преселиле во Турција, сега само во пет-шест куќи навечер свети светилка.
Осумдесет и тригодишниот Абдула Ајруш отсекогаш живеел во селото.
– Порано имаше околу 25 куќи со многудетни семејства. Сега има само две-три деца кои се школуваат во селото Чалакли и во Валандово. Во селото нема ниту училиште, ниту продавница. Оние што останаа, сеат жито, одгледуваат винови лози, смокви, но најмногу тутун. Прекрасна околина недопрена со човечка рака, доаѓаат туристи и авантуристи да уживаат. Пари нема, чист воздух има – рече Ајруш.
Го поминавме животот, задоволни сме ние, со насмевка ни раскажуваше тој. Порано овде имало многу воденици, а сега од нив се останати само расфрлани камења.
На многу места околу селото Прстен забележавме камења околу дрвја. Ни кажаа дека на таков начин мештаните правеле импровизирани пчелни сандаци и добивале мед од дивите пчели.
Жителите на Прстен се хранат здраво и многу ретко купуваат готови производи од продавница, вели 65-годишната Пембе Емрули.
– Витална сум бидејќи работам и јадам природни работи. Најголем дел од тоа што го јадам, го произведувам. Имам шест крави и правиме домашни производи – одговори Емрули на нашите коментари дека би ѝ дале најмногу 50 години.
– Тука нема стресен живот и не се пијат лекарства за смирување. Препорака за сите што сакаат да бидат смирени, да не бидат нервозни, да немаат проблеми, е да дојдат во природа – вели таа.
Водопадите во близината на селото ги посетувале и странци, доаѓале дури од Германија само за да уживаат во убавините кои ги нуди природата во ова магично место.