Нема терористички закани, преземањето на борците од ИСИС е најбезбедно

Репатријацијата на терористите е најбезбедниот чекор за земјата бидејќи станува збор за контролиран процес, тврдат безбедносни извори.

238

Безбедносната ситуација е мирна и нема терористички закани за Македонија. Можностите од такво загрозување постојат како и секаде, но во земјава во моментов нема никакви индикатори за таква закана, смируваат безбедносните служби во земјава.

Министерството за внатрешни работи вечерта во понеделникот наспроти вторникот уапси седум македонски државјани кои се бореле на воените жаришта во Сирија и Ирак. Апсењето го спроведоа македонските безбедносни служби на скопскиот аеродром откако тие претходно беа транспортирани од Сирија.

Таму тие биле воени заробеници на неформалниот ентитет Сириски демократски сили, некои во заробеништво биле и околу година време, други од неодамна. Не биле сами, имало и заробени џихадисти од Германија, Франција и други европски земји врз кои, пак, САД,како што објави Асошиејтед прес, вршат притисок за репатријација, односно земјите да ги прифатат назад. Македонија е прва во Европа каде се префрлени терористи од Сирија.

Извори од безбедносните служби тврдат дека тоа е најбезбедниот чекор за земјата бидејќи станува збор за контролиран процес. Во спротивно, одбивањето значи да се нема контрола врз овие луѓе кои можат да избегаат или да бидат пуштени од заробеништво, а потоа некој може и да се врати дома.

Седумината кои беа донесени на скопскиот аеродром им се добро познати на македонските органи. Обвинителството има истрага, а судот наредба за притвор. Биле распишани и меѓународни потерници, а за петмина Интерпол имал и црвени потерници.

Кога биле донесени во земјава, полициски извори посочуваат дека терористите биле дури и среќни што македонските органи ги уапсиле, бидејќи откако биле заробени се плашеле дека таму ќе бидат и ликвидирани. Седуммината биле ученици на оџата Реџеп Мемиши од џамијата Тутунсуз во Скопје. Според неофицијалните информации најголемиот број од овие луѓе се од скопскиот регион, но ги има и од Прилепско, Тетовско, Гостиварско.

Еден од нив пред органите во Македонија ќе одговара за терористичка организација, а другите шест за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации.

Инаку, во моментов активни борци на жариштата во Сирија и Ирак се вкупно 15 македонски државјани.

Според проценките, вкупниот број лица од нашата земја кои се појавиле на боиштата во Сирија како активни борци, повратници, загинати, жени или само како обиди за заминување, изнесува 156. Повратници се 83, а од нив на слобода се 57 лица. Во затвор во Турција има три лица, а во македонските затвори 23 по кои имаше потерници во акциите „Ќелија 1“, „Ќелија 2“, а од пред два дена меѓу нив се и седуммината депортирани. Кога станува збор за загинати македонски државјани, бројката изнесува 35.

Неофицијалните проценки се дека во последните неколку години, односно по 2014 кога беа направени измени во Кривичниот законик (во однос на делата за учество во странски војски и тероризам), бројот на државјани на Македонија кои заминуваат да се борат за ИСИС постојано се намалува.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...