Засилени контроли ќе има кај операторите со храна во производството, преработката, дистрибуцијата и продажбата на храна во пресрет на велигденските празници и зголемената побарувачка на јајца, бои за јајца, месо и други прехранбени производи, соопштија од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Со контролите се опфатени маркетите, угостителските објекти, специјализираните продавници за јајца, како и месарниците и зелените пазари.
Ќе се проверува дали и колку операторите со храна ги исполнуваат општите и посебните услови за безбедност на храната што се однесуваат на нејзино чување, одржување на ладниот ланец во транспортот и прометот, како и тоа дали означувањето на храната е во согласност со одредбите од Законот за безбедност на храната и Правилникот за информации поврзани со храната.
Како што соопштија од Агенцијата, ќе се вршат контроли на безбедноста на бојата за јајца што се продава во регистрираните објекти за продажба на храна и на зелените пазари, ќе бидат контролирани производителите, увозниците и трговците со бои за јајца.
Инспекциските служби од Агенцијата ќе вршат проверка дали боите за јајца ги исполнуваат одредбите од Законот за безбедност на храната и Правилникот за адитивите што се употребуваат во производството на храна.
„Како одговорна институција за безбедноста на храната, апелираме до граѓаните да купуваат храна, вклучително и јајца и бои за јајца исклучиво од регистрирани производители/увозници, што е соодветно означена или декларирана. Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, вклучително и на производството и трговијата со јајца и боја за јајца граѓаните можат да ја пријават во Агенцијата“, соопштија од АХВ.